Поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, предлага намалување на функционерските плати за 75 отсто, а заштедените средства да се пренаменат за директна поддршка на земјоделците.
Костадинов смета дека опозицијата има право да ја критикува власта, но дека треба истовремено да понуди и конкретни решенија, особено кога станува збор за проблемите со кои се соочуваат земјоделците.
Тој посочува дека СДСМ има можност да предложи законски измени со кои би се вратиле функционерските плати на нивото пред зголемувањето од 75 отсто.
Според неговата проценка, во државата има повеќе од 2.000 функционери, а враќањето на нивните плати на претходното ниво би значело годишна заштеда од над 20 милиони евра во буџетот.
„Тоа би ѝ дало повеќе од доволно простор на Владата директно да ја поддржи реколтата и да ги субвенционира земјоделците за да постигнат достојна цена од најмалку 30 денари за килограм пиперка“, наведува Костадинов.
Тој додава дека намалувањето на функционерските плати би било конкретен начин за обезбедување дополнителни средства за помош на земјоделскиот сектор.