За многумина, денот започнува и завршува со мобилен телефон во рака. Неколку секунди поминати на TikTok, Instagram или YouTube лесно се претвораат во часови непрекинато скролање. Но, што е тоа што нè тера толку тешко да се одвоиме од екранот?
Според нова анализа на истражувачи од Универзитетот во Бајројт, алгоритмите на социјалните мрежи функционираат според три основни принципи: содржината е персонализирана за секој корисник, видеата се бесконечни и следната содржина е непредвидлива.
Научниците анализирале 42 студии со речиси 30.000 учесници, главно деца и млади, и утврдиле дека токму овие механизми ги прават платформите исклучително привлечни.
Експертите објаснуваат дека кратките видеа брзо му обезбедуваат на мозокот доза допамин – невротрансмитер поврзан со чувството на задоволство. Психијатарката Ана Лембке од Универзитетот Стенфорд вели дека кратките видеа претставуваат особено силен стимул за мозокот.
„Кога еднаш ќе започнеме, тешко е да престанеме, дури и кога сакаме“, објаснува Лембке.
Со текот на времето, мозокот се приспособува на зголеменото ниво на допамин, поради што ни се потребни сè повеќе содржини за да го почувствуваме истото задоволство. Како последица, многумина ја губат способноста да уживаат во секојдневни активности како читање книга, дружење или престој во природа.
Дополнителен проблем е тоа што алгоритмите постојано учат од нашето однесување и ни нудат сè попривлечни содржини. Според научниците, системите како TikTok спроведуваат илјадници мали „експерименти“ врз корисниците за да откријат што најдолго ќе ги задржи пред екранот.
Истражувањата покажуваат дека прекумерното користење на ваквите платформи може да биде поврзано со проблеми со концентрацијата, послаба работна меморија, зголемена анксиозност и депресија, како и намалена самоконтрола.
Иако засега нема доволно докази за категорично да се тврди дека кратките видеа предизвикуваат трајно оштетување на мозокот, експертите предупредуваат дека е потребно младите подобро да разберат како функционираат мозокот и алгоритмите.
Научниците сметаат дека следниот чекор ќе биде уште поинтензивна персонализација на содржините со помош на вештачката интелигенција, која ќе може во реално време да создава видеа специјално прилагодени за секој корисник.
Според експертите, токму тоа би можело дополнително да ја засили борбата за нашето внимание во дигиталниот свет.