Албанскиот премиер Еди Рама остро реагираше на изјавите на српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ во врска со спорот околу реката Ибар, отфрлајќи ги обвинувањата за концептот на „Голема Албанија“.
Рама порача дека Албанија нема територијални претензии кон Србија и дека не ѝ е потребен проект за „Голема Албанија“ за да го поддржува Косово.
„Албанија нема никакви претензии кон српската територија и нема потреба да измислува такво нешто. Ниту ни е потребна ‘Голема Албанија’ за да бидеме на страната на Косово“, напиша Рама.
Тој оцени дека повикувањето на „Голема Албанија“ секогаш кога Тирана зборува за Косово претставува застарен политички аргумент од Белград.
„Секогаш кога Албанија зборува за Косово, веднаш се повикува ‘Голема Албанија’, како повторувањето еден ден да може старата сенка да ја претвори во релевантен аргумент“, напиша албанскиот премиер.
Рама нагласи дека Косово е независна држава и дека неговите граѓани имаат право сами да ја определуваат својата иднина.
Во однос на статусот на Косово, тој беше директен: „Србија го загуби Косово“. Според него, повторувањето дека Србија не го загубила Косово може да ја промени перцепцијата во политичката реторика, но не и реалноста.
Рама истакна и дека територијата на Република Косово не е српска територија, а природните ресурси на Косово не можат да се сметаат за ресурси на Србија.
Албанскиот премиер потоа го врати фокусот на прашањето за реката Ибар, кое го оцени како суштината на актуелниот спор.
„Ибар е прекуграничен воден систем“, напиша Рама, додавајќи дека Србија има право да управува со ресурсите во рамките на својата надлежност, но дека последиците од евентуална интервенција врз реката не можат автоматски да завршат на српската граница.
Тој се повика и на меѓународното право за водите, истакнувајќи дека реките „имаат незгодна навика да ја следат географијата, а не дипломатските изјави“.
Рама во својот став се осврна и на правата на српската заедница во Косово, нагласувајќи дека нивната безбедност, имотот, јазикот и културното и верското наследство мора да бидат заштитени.
Во исто време, тој оцени дека е контрадикторно Албанија да биде обвинувана за етнички експанзионизам додека Србија, според него, продолжува да зборува за територијата на Косово како да е нејзина.
Рама порача дека иднината на Балканот треба да биде во Европа и дека за границите да станат помалку важни, најпрво мора да се прифатат постојните граници.
„Постои еден мал предуслов пред границите да станат помалку важни: прифаќање на границите што веќе постојат“, наведе тој.
Албанскиот премиер ги отфрли и тврдењата за какви било тајни територијални планови на Тирана.
„Нема ништо тајно во овој став. Никогаш немало. Нема тајни мапи, нема скриени граници. Не е потребна ниту ‘Голема Албанија’, ниту нешто друго ‘големо’“, порача Рама.
Тој додаде дека Албанија ги почитува Србија и нејзините граѓани и сака добрососедски односи, како и целиот регион да биде дел од Европската Унија.
Сепак, според Рама, добрососедството не значи прифаќање на српската верзија на историјата.
„Балканот веќе плати превисока цена, со крв и изгубено време, за таков вид ‘приспособување’“, напиша тој.
На крајот, Рама повторно се осврна на Ибар, користејќи ја реката како метафора за политичкиот спор меѓу Тирана и Белград.
„Ибар, целосно несвесен за целата наша историска картографија, ќе продолжи да тече според географијата, а не според политичкиот фолклор“, порача албанскиот премиер.