Необично суштество со издолжено тело и необичен изглед предизвика големо внимание во Словачка, откако научници и љубители на природата во мочуриштата Островик открија џиновски полноглавец од чеснарка – еден од најголемите полноглавци во Европа.
На прв поглед, многумина би помислиле дека станува збор за непознат вид риба или дури за влекач. Сепак, се работи за ларва на чеснарката (Pelobates fuscus), вид водоземец распространет од централна Европа, преку Србија, па сè до западна Азија.
Особено внимание привлекоа снимките од примерокот пронајден во мочуришната област Островик, позната меѓу орнитолозите како „Птичји рај“, која, покрај бројните видови птици, е дом и на богат свет на водоземци.
„Полноглавецот може да порасне од 10 до 18 сантиметри, што го вбројува меѓу најголемите во Европа. Интересно е што возрасната жаба е и до трипати помала. За време на метаморфозата телото значително се намалува, па настанува незабележлива жаба долга само неколку сантиметри“, објаснуваат експертите.
Чеснарката го добила своето име по необичниот начин на живот. Поголемиот дел од годината го поминува закопана под земја, често на длабочина од неколку десетици сантиметри. За копање користи цврсти роговидни израстоци на задните нозе, а интересно е што се закопува наназад и може целосно да исчезне во земјата за само неколку секунди.
Возрасните единки се најактивни ноќе, особено по топли дождови. Нивното огласување е поразлично од крекетањето на повеќето жаби.
„Пригушениот глас на мажјаците доаѓа веднаш под површината на водата. Затоа многу луѓе и не се свесни за нивното присуство, а нивното постоење најчесто го откриваат токму огромните полноглавци“, посочуваат стручњаците.
Во Словачка, чеснарката се смета за релативно ретка и чувствителна врста, особено ранлива на загадување на водите и исчезнување на мочуриштата и плитките водени живеалишта. И во Србија овој вид има статус на строго заштитено животно.
Експертите нагласуваат дека ова откритие уште еднаш ја потврдува важноста на зачувувањето на мочуришните екосистеми.
„‘Птичјиот рај’ не е засолниште само за птиците. Со заштита на мочуриштата и природните водени живеалишта, чуваме и бројни други фасцинантни видови кои го делат овој уникатен екосистем“, порачуваат орнитолозите.