Трагедија го потресе основното училиште во местото Сташков, во округот Чадца во Словачка, откако ученик од осмо одделение со нож нападнал две наставнички и една ученичка.
Во нападот тешко биле повредени три лица. Една од наставничките, 61-годишна жена, им подлегнала на повредите, додека другите две повредени лица биле пренесени во болница.
По пријавата за напад со остар предмет, на местото биле испратени полициски и итни служби, како и две возила на Итната медицинска помош и два спасувачки хеликоптери.
Портпаролката на Оперативниот центар на Службата за итна медицинска помош, Петра Климешова, потврдила дека едно дете се наоѓа во критична состојба и со хеликоптер било пренесено во болница во Мартин.
Другиот повреден е 44-годишен пациент со убодна рана во градите, кој по укажаната прва помош со хеликоптер бил пренесен во болница во Жилина.
Полицијата го потврдила насилниот инцидент и започнала истрага, додека надлежните упатиле апел до јавноста да не шири непроверени информации.
На местото на трагедијата пристигнале и министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток, министерот за образование Томаш Друкер и министерот за здравство Камил Шашко.
Се огласил и генералниот обвинител на Словачка, Марош Жилинка, кој оценил дека трагедијата е повик до целото општество посериозно да се соочи со појавите на насилство, омраза и зголемена агресија.
Во меѓувреме, ученичкиот совет изразил солидарност со учениците, наставниците и семејствата погодени од трагедијата. Оттаму порачале дека училиштата мора да бидат безбедни места за учениците и вработените и повикале на системско решавање на прашањето за безбедноста во образовните установи.
Истрагата продолжува, а повеќе детали за околностите на нападот се очекуваат по завршувањето на увидот и објавувањето на официјалните информации од надлежните органи.