Германскиот производител на луксузни автомобили „Порше“ објави дека до 2035 година ќе укине уште 5.000 работни места во Германија, со што вкупниот број укинати работни места во неговите германски погони ќе достигне речиси 9.000.
Компанијата соопшти дека мерките ќе се спроведат преку природно заминување на вработените, проширена програма за делумно пензионирање и доброволни раскинувања на договорите за работа со исплата на отпремнини.
Истовремено, Управата и работничкиот совет постигнале договор за продолжување на гаранцијата за вработување и зачувување на производството до 2035 година.
„Порше“ најави и инвестиции од 2,1 милијарда евра во своите погони во Цуфенхаузен и Вајсах.
Новите мерки се дел од пакетот за реструктурирање што неодамна го одобри Надзорниот одбор на компанијата. Според „Ројтерс“, работењето на „Порше“ е погодено од падот на продажбата во Кина, американските царини и предизвиците поврзани со транзицијата кон електрични возила.
Компанијата веќе претходно најави укинување на околу 3.900 работни места до 2029 година во поширокото подрачје на Штутгарт. Со новите мерки, вкупниот број укинати работни места во Германија ќе достигне околу 8.900.