Тензиите во јужниот дел на Сирија повторно ескалираа откако израелски воени сили влегоа во градот Абдин, во близина на тампон-зоната што ја контролираат израелските трупи.
Според информациите на агенцијата АП, жителите на градот поставиле барикади од камења на патиштата, а дел од младите се обиделе со фрлање камења да оттурнат израелска воена патрола.
Жителите тврдат дека израелските војници испукале предупредувачки истрели, по што кон селото биле испукани и артилериски гранати. Во инцидентот нема повредени, но голем број жители ги напуштиле своите домови поради страв од натамошна ескалација.
„Редовно доаѓаат во селото, на секои неколку дена. Доаѓаат со оклопни возила, патролираат и вршат претреси во куќите“, изјавил жителот Мохамад ал-Хасан.
Израел ја презеде контролата врз тампон-зоната во јужна Сирија во декември 2024 година, по соборувањето на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад. Израелските власти тврдат дека нивното присуство е неопходно за спречување можни напади од милитантни групи.
Од друга страна, привремениот сириски претседател Ахмад ал-Шараа побара Израел да се повлече од окупираните територии, а сириските власти остро ги осудија последните воени операции.
Жителите на пограничните населени места предупредуваат дека безбедносната состојба се влошува и дека, покрај стравот од нови судири, се соочуваат и со сериозен недостиг од вода, електрична енергија и основни услуги.