Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати, која ќе стапи во сила од 16 јуни 2026 година, од 00:01 часот.
Иако РКЕ соопшти дека просечното намалување на цените изнесува 0,10 отсто во однос на претходната одлука, дел од најкористените горива ќе поскапат.
Согласно новата одлука, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
ЕУРОСУПЕР БС-95 – 87,50 денари за литар
ЕУРОСУПЕР БС-98 – 90,00 денари за литар
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 87,50 денари за литар
Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 86,50 денари за литар
Мазут М-1 НС – 46,223 денари за килограм
Во однос на досегашните цени, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поскапува за 1,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе биде поскап за 2,00 денари за литар. Дизел-горивото ќе се продава по цена повисока за 0,50 денари за литар.
Од друга страна, екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за 2,50 денари за литар, а цената на мазутот се намалува за 1,074 денари по килограм и ќе изнесува 46,223 денари.
Од РКЕ појаснуваат дека во пресметката се вклучени референтните износи на акцизите за бензините и дизелот, имајќи предвид дека престанала да важи претходната одлука за измена на начинот на пресметка на акцизата.
Комисијата потсетува дека станува збор за максимални малопродажни цени, а трговците на големо и мало можат да ги формираат цените и на пониско ниво од утврдените.