Четири лица загинаа, а петмина се повредени во руски напад врз градот Камјанске во Дњепропетровската област, соопштија украинските власти. Нападот се случил во раните утрински часови, само неколку часа откако Украина еднострано најави привремен прекин на борбените дејства поради претстојната дипломатска мисија на американски претставници.
Според гувернерот на Дњепропетровската област, Олександар Ханжа, во текот на ноќта и утрото регионот бил нападнат со ракети, беспилотни летала и артилерија.
Во нападот врз Камјанске загинале четири лица, додека петмина биле повредени. Тројца од повредените се пренесени во болница, меѓу кои и 30-годишна жена која е на одделението за интензивна нега.
Ханжа соопштил дека бил погоден индустриски објект, но не открил дополнителни детали за целта на нападот. Украинските воздухопловни сили претходно предупредиле дека балистички ракети се движат кон Камјанске.
Во меѓувреме, воздушни тревоги биле активирани во повеќе делови на Украина. Во Киев и околината била погодена станбена зграда, при што, според украинските власти, биле повредени најмалку две лица.
Украина го најави привремениот прекин на борбените дејства во пресрет на посетата на американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои треба да ги посетат Киев и Москва во рамките на дипломатските напори за повторно започнување на мировните преговори.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврдил дека американските претставници треба да пристигнат во Киев по посетата на Москва. Тоа би била нивна прва посета на Украина во рамките на актуелните дипломатски напори на Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјавил дека Виткоф и Кушнер во Москва и Киев носат предлог за ставање крај на војната.
Според информациите од украински воени извори, на украинските сили им било наложено да ги прекинат борбените дејства од полноќ на 5 септември до крајот на 8 септември. Станува збор за иницијатива на Украина, а не за формално договорено примирје меѓу двете страни.
Зеленски изјавил и дека Украина, поради безбедноста на американските преговарачи, нема да изведува воздушни напади врз цели во Русија додека трае нивната посета, при што повикал и Москва да постапи на ист начин.
Според украинските власти, сепак, Русија продолжила со воздушни напади, а беспилотни летала биле насочени кон Киев веднаш по полноќ.