Обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави и материјални штети во повеќе делови од земјава, информира Центар за управување со кризи (ЦУК). Најпогодени се западните и југозападните региони, каде што локалните власти, јавните претпријатија и кризните штабови се на терен и интервенираат.
Во Охрид и околината, поради интензивните дождови, поплавени се подруми, дворови и неколку објекти во градот. Дел од водотеците се излеале од коритата. Локалната самоуправа и кризниот штаб постапуваат на терен, а екипи на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со цел отстранување на водата и спречување на дополнителни штети.
Слична состојба е регистрирана и во Кичево и околните населени места, каде што вода навлегла во подрумските простории и на дел од површините. Дел од жителите биле евакуирани и сместени во привремени објекти, со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави има и на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвениот крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на критичните точки. Екипи на итната медицинска помош се ангажирани за здравствена грижа на евакуираните лица.
Во Битола и регионот е забележан зголемен водостој на локалните реки, со појава на локални излевања. Поплавени се куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Општинската механизација е на терен и работи на санација на штетите, додека Кризниот штаб ги координира приоритетите за дејствување на ангажираните екипи.
Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници вршат увид на локациите каде што се евидентирани уривања, а општинската механизација интервенира за расчистување на свлечишта и санација на настанатите штети.
Поплави се регистрирани и во Гостивар и околните населени места, каде што се зафатени локални патни правци и дел од инфраструктурата. Екипите на ЈП „Комуналец“ работат на терен, а механизацијата од Водостопанство е ангажирана за чистење на свлечишта и нормализирање на состојбата.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека состојбата континуирано се следи и апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните служби и да пријавуваат евентуални нови ризици или штети.