Министерот за земјоделство во заминување, Цветан Трипуновски, соопшти дека се објавени пет јавни повици за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со површина над три хектари.
Според него, со ова се реализира уште едно ветување насочено кон ставање во функција на државното земјоделско земјиште.
„Објавени се пет јавни повици за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост над три хектари. Со ова исполнуваме уште едно ветување, продолжуваме со политиките за ставање во функција на секој хектар од земјоделското земјиште во корист на земјоделецот“, објави Трипуновски.
Тој посочи дека во рамките на Јавниот повик бр. 01/26, кој ги опфаќа регионите Битола и Прилеп, по околу две децении предност при доделувањето на земјиштето ќе имаат сточарите.
„Во рамките на Јавниот повик бр. 01/26, кој ги опфаќа регионите Битола и Прилеп, по 20-тина години приоритет при доделувањето ќе имаат сточарите, со цел развој на сточарството како една од најважните гранки во земјоделството“, наведе министерот.
Трипуновски ги повика сите заинтересирани земјоделци да се информираат за условите за учество во подрачните единици на Министерството за земјоделство.
„Сите заинтересирани земјоделци можат да се информираат за условите во подрачните единици на Министерството. Заедно создаваме посилно и одржливо земјоделство“, порача Трипуновски.