Кривичниот суд не успева да го пронајде Коста Костовски, синот на бизнисменот Трифун Костовски, за да му го достави обвинението во случајот со „Еуростандард банка“, по што сè уште не може да биде закажано судењето.
Од Кривичниот суд информираат дека обвинението против Коста Костовски сè уште не е доставено, бидејќи два обиди за достава биле неуспешни. Поради тоа, Судот на 7 август побарал од МВР да провери и да извести дали тој е достапен.
„За оценката на актот во кој осомничен е Трифун Костовски, обвинение сè уште нема примено Коста Костовски. Судот побара МВР да извести дали истиот е достапен, бидејќи две достави не се успешни“, велат од Кривичниот суд.
Обвинението е поднесено по повеќегодишна истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Покрај Трифун и Коста Костовски, обвинет е и уште едно лице.
Тројцата се товарат за две кривични дела – предизвикување стечај и несовесно работење во службата. Според обвинителството, тие се сомничат дека одобрувале кредити без соодветно покритие, кои потоа не биле вратени во „Еуростандард банка“.
Со тоа, според обвинението, била предизвикана штета од околу 27 милиони евра.
Трифун Костовски во повеќе наврати ги негираше наводите и обвиненијата против него.