Бизнисменот Трифун Костовски преку соопштение реагираше на изјавата на поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, во која, осврнувајќи се на неговата изјава „Ми крадете од животот што не сте ми го дале“, рече: „Како што ти им крадеше од животот на штедачите на твојата банка.“
Во својата реакција, Костовски наведува дека сака да верува оти изјавата е погрешно пренесена или извадена од контекст, бидејќи, како што вели, долго време го ценел Хајредини како човек што рационално и објективно ги согледува состојбите во државата.
Доколку изјавата е автентична, Костовски вели дека е длабоко разочаран, оценувајќи дека Хајредини изнесол сериозни квалификации за случај чии факти и документација, според него, не му се доволно познати.
„Јас никому не сум му „украл од животот“, ниту сум имал намера или интерес да им наштетам на штедачите и клиентите на Еуростандард банка. Напротив, со години барам целосно, независно и транспарентно расчистување на сите околности што доведоа до одземањето на дозволата и отворањето на стечајната постапка“, наведува Костовски.
Тој додава дека изјавата на Хајредини претставува „директна пресуда“ пред да завршат постапките пред надлежните институции и дека со тоа се создава погрешна слика во јавноста.
Во реакцијата Костовски посочува и дека му е познато оти меѓу блиските соработници на Хајредини има лица чии улоги во случајот со Еуростандард банка, според него, треба темелно да се испитаат, но нагласува дека не сака однапред да извлекува заклучоци за причините за ваквата изјава.
На крајот, тој бара Хајредини јавно да ја повлече изјавата и да му се извини, доколку таа навистина е негова.
„Подготвен сум во секое време, јавно и врз основа на факти и документи, да разговарам со Вас за Еуростандард банка. Вистината не се утврдува со навреди, медиумски пресуди и паушални квалификации, туку со докази, институционална одговорност и целосно расчистување на случајот“, порачува Костовски.