Шабан Салиу, еден од обвинетите во предметот за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, по смената од функцијата министер без ресор добил нова владина функција – национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.
Салиу за новото назначување информирал преку својот профил на „Фејсбук“ на 22 јули, само една недела откако беше разрешен од министерската функција по владината реконструкција.
Тој навел дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски го назначила на функцијата на својата 195-та седница. Во објавата Салиу посочил дека ќе продолжи да го координира Националното координативно тело за следење на спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите и најавил активности во областите на образованието, здравството, вработувањето и условите за живот.
Салиу е еден од обвинетите во судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тој бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување од 2012 до 2017 година, период за кој обвинителството го товари дека институцијата не извршила инспекција во објектот.
Сепак, Салиу не е правосилно осуден. Во текот на судскиот процес, при презентирањето на службени документи, планови за инспекциски контроли и годишни програми на ДЗС со неговото име, тој тврдел дека потписот на документите не е негов.
Функцијата национален координатор се финансира од државниот буџет, а според јавно достапните податоци, месечните примања за ваквите позиции се движат приближно од 100.000 до 125.000 денари, зависно од коефициентот и работниот стаж.
Интересно е што самиот премиер Мицкоски во неодамнешно телевизиско интервју, одговарајќи на прашање дали Обвинителството има слобода да постапува и против актуелни функционери, токму Салиу го посочи како пример. Салиу, кој во тој момент беше член на Владата, по трагедијата во Кочани беше приведен.
По владината реконструкција, освен Салиу, нови ангажмани добија и други поранешни функционери. Поранешниот министер за култура Зоран Љутков беше именуван на нова функција, додека поранешниот вицепремиер Арбен Фетаи стана специјален пратеник за Европската Унија.