Министерот за економија, Бесар Дурмиши, изјави дека Владата го очекува новиот извештај од пазарните инспектори за да утврди дали ќе има потреба од нови мерки за стабилизирање на цените на храната, откако инфлацијата во април достигна 5,7 проценти, а кај храната околу 8 проценти.
Според Дурмиши, засега нема индиции за девијантно однесување кај трговците преку зголемување на маржите, а растот на цените главно се должи на увозната зависност на државата.
„Од 10 до 20 мај е дадена наредба да се вршат контроли во сите синџири маркети. Неофицијално сум информиран дека веќе има одредено намалување на цените кај овошјето и зеленчукот. На терен има 30 тимови, а по завршувањето на контролите, извештајот ќе биде доставен до Владата и Министерството за економија“, изјави Дурмиши.
Иако Владата најавуваше мерки за ограничување на цените уште по 1 мај, тие сè уште не се донесени, бидејќи институциите сè уште ги анализираат состојбите на пазарот.
Дурмиши оцени дека инфлацијата од 5,7 проценти не е висока во споредба со одредени европски земји каде што достигнува и до 10 проценти. Според него, доколку не се случеше војната на Блискиот Исток, инфлацијата во земјава ќе беше околу 2 проценти.
Министерот најави дека Владата повторно ќе интервенира доколку инспекциите утврдат злоупотреби и прекумерно зголемување на маржите.
„Ако повторно видиме девијантно однесување кај трговците или во било кој дел од синџирот, ќе реагираме како и минатиот пат. Маржите беа намалени и кај трговците, и кај производителите и кај дистрибутерите. Намалувањето не е големо, но и тие презедоа дел од товарот за да им излезат во пресрет на граѓаните“, рече Дурмиши.
Тој додаде дека доколку има потреба, можно е и намалување на ДДВ-то за храната.
Во однос на владината просечна потрошувачка кошничка, чија подготовка беше најавувана уште од април минатата година, Дурмиши рече дека таа е во завршна фаза и треба да биде готова до 30 јуни.