Кавадарци три дена живееше во ритамот на музиката, традицијата, уметноста и доброто расположение во рамки на Тиквешкиот гроздобер 2026, манифестација која и годинава понуди богата програма за сите генерации.
Музичката програма донесе настапи на познати регионални и македонски изведувачи. Пеѓа Јовановиќ со својот препознатлив вокал и енергија се погрижи за големата завршница, а публиката возврати со песна, аплаузи и одлична атмосфера.
Неделната вечер ја одбележа и настапот на Џејла Рамовиќ, која со својот глас и впечатлив сценски настап ја освои гроздоберската публика. Во Паркот на Револуцијата настапи и „Трио Гранде“, дополнувајќи ја вечерта со музика, дружење и препознатливиот тиквешки дух.
Посебно место во програмата имаа и домашните таленти. Кавадаречките уметници Мирјана Митрева и Слободанка Танева настапија на големата сцена и со својот вокал и енергија приредија незаборавна вечер за присутните.
Тиквешкиот гроздобер понуди содржини и за љубителите на уметноста. Во Музеј-галеријата беше отворена изложба на македонски уметници, која обедини различни уметнички изрази, стилови и погледи на современата македонска уметност. Со тоа, манифестацијата уште еднаш ја потврди својата културна димензија, надополнувајќи ги музиката и традицијата со ликовна уметност.
Најмладите, пак, беа главни ѕвезди на Детскиот тиквешки карневал. Повеќе од 1.500 ученици од основните училишта и деца од градинката „Рада Поцева“ ја претворија градската улица во голема детска сцена исполнета со бои, музика и костими.
Принцези, пирати, кловнови и најразлични јунаци продефилираа низ Кавадарци, носејќи ја детската радост и создавајќи посебна атмосфера во градот.
Тиквешкиот гроздобер и годинава ги спои традицијата, музиката, културата и дружењето, претворајќи го Кавадарци во место на кое три дена се славеа тиквешкиот дух и гостопримството.