Ивор Мицковски, политички аналитичар, советник, колумнист и новинар специјализиран за надворешно-политички прашања, со жестока реакција за случувањата во правосудството наброја повеќе одлуки во крупни и јавноста добро познати случаи, оценувајќи дека сето тоа се случило во период од само еден месец, „додека е најтопло и луѓето се на одмори“.
Мицковски во објавата се осврнува на одлуката на Апелација во предметот „Талир 2“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше ослободен од обвинението, како и на последиците од постапката во однос на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Апелација ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, кој беше обвинет во случајот ‘Талир 2’, со што ВМРО-ДПМНЕ си ја врати Белата палата и другиот имот што беа замрзнати со години“, пишува Мицковски.
Тој потоа се осврнува и на предметот за автобуската несреќа кај Ласкарци, откако Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно одлучување.
„Падна пресудата за Ласкарци!!!“, реагира Мицковски.
Во објавата го споменува и случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. За обвинетиот Дејан Јованов-Деко притворот е продолжен до 3 октомври, а Мицковски посочува дека и повеќе други обвинети во предметот веќе не се во затворски притвор.
Понатаму, тој ги наведува и поранешните претседатели на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и Илчо Ѓорѓиоски, за кои посочува дека им било дозволено да се бранат од слобода по прифаќањето гаранции.
Мицковски во истиот контекст ги споменува и случаите со Марковски и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, чија правосилна пресуда беше укината од Врховниот суд и предметот беше вратен на повторно судење.
Во завршницата од објавата тој изнесува и тешки обвинувања поврзани со постапките за Артан Груби и за пожарот во модуларната болница во Тетово, оценувајќи дека последните случувања покажуваат отсуство на независност на институциите.
„Ние немаме власт и немаме опозиција, немаме никакво независно судство или законодавна власт. Имаме една единствена обединета мафија“, пишува Мицковски.
Станува збор за ставови и оценки на Мицковски за повеќе различни судски постапки, а дел од предметите што ги наведува и натаму се во тек или се вратени на повторно одлучување, што не значи ослободување од кривична одговорност со конечна судска одлука.