Прочка или Велики Поклади, меѓу народот позната и како Проштени Поклади, спаѓа меѓу најголемите христијански празници во Македонија. Според значењето, често се става веднаш по Божик и Велигден. Таа претставува премин од зимскиот кон пролетниот празничен циклус – ги затвора Бадник, Божик, Водици и Свети Трифун, а ги отвора Тодорова сабота, Младенци, Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден и Ѓурѓовден.
Во 2026 година Прочка се одбележува на 22 февруари, во недела, како Сиропустна недела, а веќе наредниот ден – на 23 февруари – започнува Чист понеделник и со него долгите, седумнеделни Велигденски пости. Токму затоа празникот има длабока духовна симболика: влегување во постот преку проштевање и внатрешно очистување.
Црковната традиција го поврзува денот со изгонувањето на Адам од Рајот, потсетувајќи дека човекот во постот не влегува само со правила, туку со духовен пресврт. Оттука, централниот обичај е проштевањето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата си простуваат – небото за громовите, мразовите и поројните дождови, а луѓето меѓусебно за сите грешки направени во текот на годината.
Прошката има јасна хиерархија: помладиот бара од постариот, детето од родителот, крштеникот од кумот. Три пати се поклонува и изговара: „Прости ми“, а одговорот гласи: „Простено да ти е од мене и од Господа“. Во некои краишта оној што бара прошка носи симболичен подарок – портокал, лимон, суво грозје, алва или јајце – па токму портокалот останал симбол на празникот.
Покрај духовниот чин, Прочка изобилува со народни обичаи, од кои дел имаат претхристијански корени. Најпознат е обичајот „амкање“. Варено бело јајце се врзува на конец и се спушта од таванот или од синџирот на огништето, а членовите на семејството се обидуваат да го фатат со уста, без раце. Се верува дека оној што ќе го „лапне“ ќе биде здрав и среќен цела година. Некаде се амка и со пита или алва, а потоа конецот се пали и според тоа како гори се „гата“ за животот и судбината.
Обредните огнови се уште еден впечатлив белег на празникот. Во повеќе краишта се палат големи покладни огнови што децата ги прескокнуваат за да се „очистат“ од болести, штетници и лоша енергија. Во источна и југоисточна Македонија овие огнови се познати како Голема Ора-копа, за разлика од Мала Ора-копа што се пали една недела порано.
Неделата пред Прочка се нарекува Месопусна или Месни поклади, бидејќи тогаш се запостува од месо. Периодот од Месни поклади до Прочка е Сирна или Бела недела, кога се консумираат млечни производи. Со самиот празник завршува и оваа можност, а од Чист понеделник започнува строг пост.
Чист понеделник има и практична димензија – тогаш се чисти домот, а садовите се мијат темелно за да се „испоснат“ од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со долго вриење. Во некои места првите три дена од постот се одбележувале со строг пост наречен Тример, кога побожните не јаделе ништо, а потоа оделе во црква по света вода и приредувале посна трпеза.
Со празникот се поврзани и карневалите во Струмица и Прилеп, кои низ маски, поворки и јавни настани ја оживуваат традицијата и ја прават видлива за новите генерации. Така, домашните обичаи – прошката, амкањето и огновите – се пренесуваат и во јавниот простор, задржувајќи ја својата симболика.
Иако формите варираат, суштината останува иста: Прочка е ден на пресврт – од зима кон пролет, од тежина кон олеснување, од инает кон прошка. Најкратката и најтешка реченица што се изговара тој ден – „прости ми“ – е воедно и најсилниот белег на празникот.