Долгогодишната поврзаност на Ендру Маунтбатен-Виндзор со осудениот педофил Џефри Епстајн, која траеше повеќе од две децении, веќе го чинеше кралски титули, статус и углед, а денес доби нова правна димензија – тој е уапсен под сомнение за недолично однесување при вршење јавна должност.
Според неговите претходни изјави, со Епстајн првпат се сретнал во 1999 година преку Гислејн Максвел, тогашна партнерка на Епстајн и ќерка на медиумскиот магнат Роберт Максвел. Веќе во 2000 година, Максвел и Епстајн биле меѓу гостите на прославата на 40. роденден на тогашниот принц Ендру во замокот Виндзор, организирана од кралицата Елизабета Втора. Тоа бил само еден од низата документирани контакти меѓу Епстајн и Маунтбатен-Виндзор, кој од 2001 до 2011 година ја извршувал функцијата британски трговски изасланик.
Во интервју за емисијата „Њузнајт“ на Би-Би-Си, Ендру изјави дека не бил близок пријател со Епстајн, тврдејќи дека се запознале преку Максвел. Оваа изјава беше во спротивност со тврдењето на неговиот тогашен приватен секретар Аластир Вотсон, кој во 2011 година изјави дека Ендру го познавал Епстајн уште од деведесеттите години.
Според податоци од таканаречените „Епстајнови списи“, дневниците на летови покажуваат дека во февруари 1999 година Ендру го посетил приватниот карипски остров на Епстајн. Во истите документи се наведува дека во летото истата година Епстајн и Максвел престојувале и во Балморал, шкотската летна кралска резиденција.
Во текот на 2000 година, Епстајн се појавувал на повеќе јавни настани со Ендру, вклучително и во клубот „Мар-а-Лаго“ на Флорида. Во декември истата година, Ендру организирал ловечки викенд по повод роденденот на Максвел, на кој присуствувал и Епстајн, иако подоцна тврдеше дека станувало збор за „обичен ловечки викенд“.
Случајот дополнително се продлабочи по обвинувањата на Вирџинија Џуфре, која тврдеше дека во 2001 и 2002 година Маунтбатен-Виндзор ја принудил на сексуален однос додека била малолетна. Тој доследно ги негираше обвинувањата. Епстајн во 2008 година призна вина во Флорида за поттикнување малолетничка на проституција и беше осуден на затворска казна, по што во 2009 година беше ослободен.
И покрај тоа, во 2010 година Ендру беше фотографиран со Епстајн за време на прошетка во Централ парк во Њујорк. Подоцна изјави дека средбата била организирана за да го прекине контактот. Сепак, електронски пораки објавени во 2025 година покажаа дека комуникацијата продолжила и по тој период.
Скандалот кулминираше во 2019 година, кога Епстајн беше уапсен во Њујорк под обвиненија за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација. Во август истата година беше пронајден мртов во затвор, а обдукцијата заклучи самоубиство. Контроверзното интервју на Ендру за „Њузнајт“ предизвика силни реакции, по што тој се повлече од јавните должности.
Во 2021 година Џуфре поднесе граѓанска тужба против него, која во 2022 година заврши со вонсудска спогодба. Износот не беше објавен. Во 2025 година Џуфре изврши самоубиство, а во постхумно објавени мемоари повторно изнесе тешки обвинувања.
Истата година Маунтбатен-Виндзор се откажа од користење на титулата војвода од Јорк по разговор со кралот Чарлс Трети, а на почетокот на оваа година се исели од резиденцијата во Виндзор.
Најновите документи објавени од Министерството за правда на Соединетите Американски Држави содржат фотографии и наводи дека за време на мандатот како трговски изасланик наводно проследувал чувствителни владини и комерцијални информации до Епстајн. Според американските власти, токму тие наводи се основата за неговото денешно апсење, со што случајот добива нова и сериозна правна фаза.