Возачите кои ги оставаат или пречекуваат патниците на Меѓународниот аеродром Скопје, од 1 септември ќе треба да внимаваат на ново правило во зоната „Hug & Fly“ пред терминалната зграда.
Како што соопшти ТАВ Македонија, и понатаму останува можноста за бесплатно запирање до 10 минути, но секое возило ќе може бесплатно да влезе во зоната само еднаш во период од 24 часа.
Контролата на пристапот ќе се врши преку систем за автоматско препознавање на регистарските таблички, преку кој ќе се евидентира секое влегување на возилата.
Од ТАВ Македонија објаснуваат дека промената има цел да обезбеди подобар проток на возила, како и побезбеден и полесен пристап до терминалот, особено во периодите кога на аеродромот има поголем број патници.
За возачите на кои им е потребно да останат подолго, достапен е паркингот пред терминалната зграда. На него има 1.200 места за автомобили и шест места за автобуси, а паркингот може да се користи во секое време.