Две години по контроверзните измени на Кривичниот законик, со кои беа ослободени од одговорност бројни функционери, државата повторно се соочува со рокови и правна неизвесност. Наместо да ги поправи старите одредби, Министерството за правда најави дека до декември ќе биде усвоен сосема нов Кривичен законик, кој треба да ја замени постојната верзија.
Од Министерството велат дека текстот на новиот закон е финализиран, преведен на англиски јазик и се изработуваат техничките табели што треба да ја подготват земјата за усвојување. Како што објаснуваат, станува збор за темелна ревизија на кривичните дела и нивната класификација, со цел да се воведе поголема правна прецизност и ефикасност.
„Новото решение треба да овозможи полесно докажување на делата и праведна примена на законот. Особено внимание е посветено на делот за злоупотреба на службена положба и корупција, каде што воведуваме усогласеност со европските стандарди“, наведуваат од Министерството за правда за Фокус.
Од таму појаснуваат дека новите правила нема да ги засегнат веќе завршените случаи – односно нема да важат ретроактивно, што значи дека функциoнерите кои се извлекоа со старите измени нема да бидат повторно предмет на кривична одговорност.
На потребата за итно делување веќе укажа и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој потсети дека Судот уште во август дал рок од шест месеци за измени, но до денес Собранието не презело конкретни чекори.
„Во државата владее неказнивост и неодговорност, а вака донесените измени направија сериозна штета. Ако Парламентот не постапи, ќе мораме да ја отвориме постапката и да одлучиме. Доколку Судот го укине целиот закон, тогаш во сила би се вратило старото решение,“ рече Костадиновски во гостување на Телма.
Тој предупреди дека евентуално целосно укинување на законот би можело да создаде правен вакуум и уште поголем простор за злоупотреби, нагласувајќи дека ваквите системски закони не смеат да се носат „преку ноќ“ и без јавна расправа.
Според најавите, Министерството за правда планира до крајот на годината законот да биде ставен на владина и потоа на собраниска процедура. Новиот Кривичен законик, доколку навремено биде донесен, треба конечно да воспостави појасна рамка за гонење на корупцијата и злоупотребите во јавниот сектор – тема која со години е меѓу најболни во македонското општество.