По три дена интензивна борба со огнената стихија, португалските пожарникари успеаја да локализираат околу 80 проценти од големиот шумски пожар што зафати најмалку 13.000 хектари површина.
Од португалската цивилна заштита соопштија дека состојбата се подобрува, иако пожарот се проширил на повеќе од 35 километри од местото каде што избувнал. Според надлежните, остануваат уште неколку критични жаришта, но најголемиот дел од пожарот е ставен под контрола.
Во гаснењето учествуваа околу 1.200 пожарникари, повеќе од 400 противпожарни возила, два канадери и четири хеликоптери. Португалија побара помош преку европскиот механизам за цивилна заштита, по што Шпанија испрати стотина припадници на воените противпожарни единици и еден канадер, а Италија обезбеди уште два противпожарни авиона.
Земјата, која денови се соочува со екстремен топлотен бран, веќе ги бележи и првите жртви од пожарите. Најмалку девет лица се повредени, од кои две се во тешка состојба. Во неколку региони и натаму е на сила највисокото предупредување поради температури што надминуваат 40 Целзиусови степени.
Во меѓувреме, нов шумски пожар избувна и во француските Пиринеи, каде што досега изгореле околу 1.000 хектари. Силниот ветер, ниската влажност на воздухот и високите температури дополнително ја отежнуваат интервенцијата на пожарникарите.