Во авторски текст за магазинот „The Economist“, оманскиот министер за надворешни работи Бадр Албусаиди предупредува дека САД ја изгубиле контролата над својата надворешна политика, повикувајќи ги сојузниците да помогнат во завршување на војната со Иран.
Албусаиди истакнува дека во последните девет месеци САД и Иран двапати биле на работ на постигнување договор за најосетливото прашање кое ги дели – иранскиот нуклеарен програм и американските стравови дека тој може да има воена намена.
Затоа, како што наведува, не било изненадување, но било шок кога на 28 февруари, само неколку часа по најконкретните преговори до тогаш, Израел и САД повторно започнале воена акција.
Иранскиот одговор, кој вклучува напади на цели што Техеран ги смета за американски на територијата на соседните држави, Албусаиди го опишува како неизбежен, но длабоко жалосен и неприфатлив.
Сoочен со војна која Израел и САД ја опишале како обид за завршување на Исламската Република, иранското раководство, според неговото мислење, немало многу избор.
Последиците од таквата ескалација најмногу ги чувствуваат државите од јужниот дел на Персискиот Залив. Земјите кои се ослонуваа на безбедносната соработка со САД сега таа соработка ја доживуваат како извор на ранливост, што ја загрозува нивната безбедност и економската иднина.
Албусаиди предупредува дека е загрозен и развојниот модел на заливските држави, кој се базира на глобален спорт, туризам, авијација и технологија.
Последиците од иранскиот одговор веќе се чувствуваат и глобално, особено преку сериозни пореметувања во поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, што доведува до зголемување на цените на енергијата и закана од длабока рецесија.
Според него, најголема грешка на американската администрација била тоа што воопшто влегла во војна. Албусаиди нагласува дека ова не е американска војна и дека не постои реален сценарио во кое Израел и САД ќе ги остварат своите цели.
Израелското раководство, тврди тој, отворено се стреми кон соборување на иранскиот режим, додека американската реторика за промена на режимот можеби не е толку цврста.
Албусаиди смета дека Израел ја убедил Белата куќа дека Иран е ослабен поради санкциите, внатрешните поделби и претходните напади на нуклеарните постројки, и дека брза победа би била можна.
Но сега е јасно дека остварувањето на таквите цели би барало долгорочна војна и ангажман на американските копнени сили, што би отворило ново поглавје во долготрајните војни кои претседателот Доналд Трамп порано ветуваше дека ќе ги заврши.
Албусаиди го поставува клучното прашање до американските сојузници: Што можат да сторат за да помогнат САД да се извлечат од овој непожелен конфликт?
Тој понатаму нагласува дека американското раководство мора јасно да ги дефинира сопствените национални интереси, кои треба да вклучуваат запирање на ширењето на нуклеарно оружје, безбедност на снабдувањето со енергија и нови инвестициони можности во регионот.
Сето тоа, според него, е можно само ако Иран е во мир со своите соседи.