Јубилеј во Драчево: 55 години образование во ООУ „Кузман Шапкарев“
Градоначалникот на Град Скопје присуствуваше на одбележувањето на патрониот празник на ООУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, кое годинава одбележува 55 години постоење, исполнети со успеси, посветеност и континуиран развој.Во своето обраќање, тој истакна дека училиштето претставува значаен дел од образовниот и општествениот живот во општината, низ кое поминале бројни генерации ученици што таму ги стекнале своите знаења, вредности и трајни пријателства.Градоначалникот потсети дека во периодот кога ја извршувал функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода биле реализирани значајни инвестиции во ова училиште, како и во сите училишта на територијата на општината. Во тој период биле реконструирани и модернизирани училници, доградени нови простории, поставени фотоволтаични системи, како и обезбедени бесплатни ранци и училиштен прибор за секое прваче. Дополнително, биле воведени паметни уреди и прочистувачи на воздух, со цел подобрување на условите за учениците и наставниот кадар.Тој нагласи дека со истата посветеност продолжува и во својата сегашна функција како градоначалник на Град Скопје, најавувајќи нов инвестициски циклус насочен кон средните училишта, со цел обезбедување современи услови за образование преку воведување дигитална опрема и одржливи енергетски решенија.На крајот, беа упатени честитки до учениците, наставниците и вработените, како и до сите кои се дел од историјата на училиштето, со порака дека тие се неговата најголема вредност и двигател на идниот развој.
Скопје | пред 7 часа