Промени тема
За нас
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески

ИРАН

media-libraryb4pgv2eeu4u32CwrZBr

Нетанјаху до Иранците: „Се приближува моментот на вистината“ – Израел најавува „план со многу изненадувања“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видеообраќање порача дека војната против Иран ќе продолжи „без прекин и без компромис“, најавувајќи дека Израел има „организиран план со многу изненадувања“ за следната фаза од конфликтот, со цел да се „дестабилизира режимот и да се овозможат промени“.Нетанјаху посебно се обрати до припадниците на Иранската револуционерна гарда (ИРГК), тврдејќи дека се „на нишан“ и испраќајќи порака дека оние што ќе го положат оружјето нема да бидат повредени, додека за останатите „последиците“ ќе бидат нивна одговорност.До иранскиот народ, израелскиот премиер рече дека „моментот на вистината“ се приближува и нагласи дека целта, според него, не е да се „подели Иран“, туку да се „ослободи Иран“. Тој додаде дека исходот зависи од самите Иранци – дали земјата ќе биде „ослободена“.Во обраќањето, Нетанјаху оцени дека евентуалното „ослободување на Иран“ би можело да донесе мир меѓу Израел и Иран. Тој, исто така, ја истакна улогата на САД и рече дека американско-израелскиот сојуз е „посилен од кога било“, споменувајќи разговор со американскиот претседател Доналд Трамп од декември, во кој, според него, било потенцирано дека мора по секоја цена да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.Нетанјаху ги обвини Обединетите нации за молк во врска со, како што тврдеше, убиства на Иранци од страна на врвниот лидер Али Хамнеи, прашувајќи каде биле ОН и дел од западните држави во тие моменти. Во продолжение нагласи дека „многу земји“ денес, според него, јасно гледаат на кого можат да се потпрат.Во истото обраќање тој испрати и предупредување до либанската влада, истакнувајќи дека таа, според него, има обврска да го спроведе договорот за прекин на огнот од 2024 година и да го разоружа Хезболах. Во спротивно, рече, нападите на Хезболах би можеле да донесат „катастрофа“ за Либан, додавајќи дека Израел ќе направи „сè што е потребно“ за да ги заштити своите градови и граѓани.

Свет | пред 1 седмица

Screenshot-2025-08-22-at-10.41.43

Трамп ја понижуваше Европа со месеци – сега од неа бара логистика и бази за војната со Иран

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изминатата година често ги оттурнуваше европските партнери како политички неважни, но сега, додека САД и Израел водат воена операција со цел промена на режимот во Иран, од Европа се очекува поддршка. Европските лидери, кои во првите часови по нападот се дистанцираа од американската акција, постепено ја засилуваат својата реакција на кризата што се шири низ Блискиот Исток.Франција, Италија и други европски држави испраќаат дополнителни воени сили за заштита на сопствените бази и партнери во регионот, додека Велика Британија им дозволи на американските сили да ги користат британските бази за спречување на евентуален ирански одговор. Сепак, овие чекори се далеку од безрезервната поддршка што ја бара Вашингтон за нападот кој, според дел од аналитичарите, драматично ја менува безбедносната рамнотежа во регионот.Белата куќа, според дипломатски извори, не се обидела да создаде класична меѓународна коалиција. Вашингтон не се консултирал со европските сојузници пред нападот врз Техеран, ниту пак од нив барал директно да учествуваат во бомбардирањето. Она што американската администрација го очекува е пристап до европски воени бази и логистички центри кои би ги олесниле воздушните операции.Во исто време, Трамп ги критикува земјите што не нудат силна поддршка, како Велика Британија, но и оние кои отворено се спротивставуваат на војната, како шпанскиот премиер Педро Санчез. „Ни требаа три или четири дена да откриеме каде можеме да слетаме... затоа сме многу изненадени“, изјавил американскиот претседател.Европските лидери се наоѓаат во деликатна позиција. Од една страна не сакаат директно да го критикуваат Вашингтон, а од друга се свесни дека нов конфликт на Блискиот Исток може да има сериозни последици за континентот – од раст на цените на енергенсите до можен нов бегалски бран.Поделбите во Европа се очигледни. Германија дава поддршка на американската политика, додека Шпанија зазема поостар критички став. Според аналитичарката Натали Точи, европските лидери во моментов се „половина внатре, половина надвор“ од кризата, обидувајќи се да ја задржат неутралноста, но истовремено да не се конфронтираат со САД.Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето изјави дека војната започнала „без знаење на светот“ и дека одлуката за нападот не била координирана со сојузниците. „Тоа е далеку надвор од рамките на меѓународното право“, изјавил тој пред италијанските пратеници.И покрај политичките резерви, европските држави преземаат конкретни безбедносни мерки. Францускиот претседател Емануел Макрон испрати дополнителна противвоздушна одбрана и воени бродови на Блискиот Исток со цел заштита на Кипар и земјите од Персискиот Залив. Истовремено, Франција дозволи американските сили да користат база на нејзина територија, но под услов таа да не се користи директно за нападите врз Иран.Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во изјави за американските медиуми оцени дека сојузниците во голема мера ја поддржуваат американската операција, иако ваквата оценка веднаш беше оспорена од шпанската влада.Најголемата загриженост за Европа е можниот ефект од конфликтот. Некои членки на Европската Унија, како Кипар, се наоѓаат во дострел на ирански ракети, додека и Турција, членка на НАТО, е во непосредна близина на зоната на конфликт. Дополнително, европските лидери се свесни дека приклучувањето кон нова војна на Блискиот Исток би било крајно непопуларно кај јавноста, по искуствата од интервенциите во Ирак и Авганистан.Шпанскиот премиер Санчез предупреди дека Европа мора да ги има предвид последиците од претходните западни интервенции. „Не можете на една незаконитост да одговорите со друга, затоа што така започнуваат големите катастрофи на човештвото“, порача тој.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryn1m9e81qf70jfkAb9QI

Белата куќа со куп различни верзии за ударот врз Иран: Трамп и врвот на администрацијата не се усогласени за причините

Една недела по почетокот на американската воена операција „Епски бес“ против Иран, во Вашингтон сè појасно се гледа дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп не успева да понуди единствено и доследно образложение за тоа зошто конфликтот е започнат и кои се неговите конечни цели.Според наративот што Трамп го претставил при објавата на војната на 28 февруари, операцијата истовремено била претставена како одбранбен одговор на „децении иранска агресија“, како удар за уништување на ракетните капацитети, но и како чекор што треба да го отвори патот Иранците да ја „вратат својата земја“. Во истото обраќање, Трамп ја опишал кампањата и како напор за отстранување на „непосредна нуклеарна закана“.Неколку часа подоцна, реториката дополнително се проширила. Во разговор за медиуми, Трамп навестил два крајно различни сценарија – од долгорочно водење на војната со можност за поширок исход, до брзо завршување со ограничени удари од „два-три дена“, оставајќи отворено дека судирот може да биде и кратка казнена операција.Потоа следувале нови несогласувања. На 1 март, наводно на брифинг за персонал на Конгресот, претставници на Пентагон признале дека Иран не планирал да нападне американски сили или бази, освен ако прво не биде нападнат од Израел – изјава што ја поткопува тезата за „непосредна“ закана што ја повторувале претставници на Белата куќа.На првата прес-конференција во Пентагон по почетокот на ударите, министерот за одбрана Пит Хегсет ја претставил мисијата како прецизно дефинирана: уништување на иранските офанзивни ракети, нивното производство, морнарицата и делови од безбедносната инфраструктура, со цел Иран никогаш да не дојде до нуклеарно оружје. Истовремено, тој инсистирал дека ова не е војна за промена на режимот, но со изјави за „променет режим“ и повици Иранците да ја искористат „можноста“ оставил впечаток на спротивна порака.Само неколку часа по тој настап, државниот секретар Марко Рубио изнел поинакво објаснување: дека Вашингтон знаел оти Израел планира едностран напад врз Иран и дека Техеран однапред дал овластувања за автоматски одговор врз американските сили – па САД, според таа логика, дејствувале „превентивно“ за да спречат поголеми загуби.Веќе следниот ден, Трамп јавно го отфрлил тој пристап, тврдејќи дека одлуката била исклучиво негова и дека мотивот бил убедувањето дека Иран ќе нападнел прв. Со тоа, во јавноста паралелно циркулирале најмалку три меѓусебно исклучиви објаснувања: дека постои непосредна нуклеарна опасност, дека Иран ќе удри поради израелска акција, или дека Иран сам се подготвувал за напад.Во вториот брифинг во Пентагон, во услови кога пристигнале вести за загинување на шест американски војници, Хегсет настапил со уште поостра формулација за исходот, тврдејќи дека иранскиот режим е „готов“ и најавувајќи систематско уништување на капацитетите. Дополнително, вовел и ново оправдување: тврдење дека Иран се обидел да го убие Трамп, како и дека е убиен командант на единица на Револуционерната гарда која наводно стоела зад план за атентат.Кулминацијата на конфузните пораки дошла во петокот, кога Трамп објавил максималистичко барање – „безусловна предавање“ на Иран – и говорел за иднина во која по „избор на голем и прифатлив лидер“ Иран би бил „вратен од работ на уништувањето“. Потоа, портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит се обидела да го стесни значењето на пораката, тврдејќи дека „безусловната предавање“ во суштина значи Иран да престане да претставува закана за САД и дека целта на операцијата е „целосно остварена“.Низ сите овие пораки, од Пентагон до Белата куќа, останува впечатокот дека во врвот на американската власт се води паралелна борба за тоа која верзија ќе стане официјална: ограничена воена операција со конкретни цели, долгорочно стратешко разорување на иранските капацитети или политички проект што директно ја допира иднината на иранската власт.

Свет | пред 1 седмица

media-library8e12gpg2rka22FhMIkm

Војната во Иран за земјите од Блискиот Исток станува се поголем проблем

Американско-израелската војна против Иран сè посилно ја потресува безбедносната и политичката рамнотежа на Блискиот Исток, со видливи последици од Ирак и Либан до Бахреин. Наместо да остане ограничен на фронтот, конфликтот почнува да ги проверува лојалностите во заедниците, да ги напрега институциите и да отвора простор за локални пресметки што лесно можат да прераснат во поширока ескалација.Во анализите што кружат во регионот доминира предупредувањето дека кризата се храни од повеќе жаришта истовремено: политички притисоци врз владите, секташки тензии меѓу сунитските и шиитските заедници, како и активирање паравоени структури што дејствуваат преку граници. Во таква атмосфера, секоја нова воена или политичка одлука има потенцијал да произведе „ланчана реакција“ во соседните држави.Особено чувствителна е состојбата во Ирак, каде што по убиството на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, се интензивираа протестите пред американската амбасада во Багдад. Дел од демонстрациите се претворија во насилни, а паравоени формации поврзани со Иран, според проценките на набљудувачи, играат улога во мобилизацијата на улицата и во притисокот врз државниот апарат.Напнатоста се прелеа и кон безбедносната инфраструктура: во повеќе наврати беа цел на напади американски бази и објекти, како и локации во Ирачки Курдистан. Дополнителен товар се и шпекулациите дека САД би можеле да поддржат ирански Курди во можен бунт внатре во Иран — сценарио што го става Курдистан во незгодна позиција меѓу сопствените безбедносни интереси, односите со Багдад и ризикот од ирански одмазднички удари. Курдските опозициски партии, кои имаат канцеларии во регионот, демантираат дека нивни борци преминуваат во Иран, но самото постоење на такви гласини ја крева цената на секоја погрешна проценка.Во Бахреин, малата заливска монархија со сунитско владејачко семејство и шиитско мнозинство (според проценки нешто над половина од населението), протестите против војната добија поостар карактер. Властите реагираа со апсења поради објави на интернет и наводно „изразување сочувство“ со Иран, што повторно ја отвори старото прашање за тоа колку е тенка линијата меѓу контрола на јавниот ред и продлабочување на политичката фрустрација.Либан, пак, се соочува со уште покомплексна криза. Војната ги заостри односите меѓу либанската влада и Хезболах — моќна шиитска вооружена и политичка сила поврзана со Иран. Израел и САД бараат разоружување на Хезболах, на што организацијата се спротивставува, додека и либанската влада се обидува да го намали неговото воено дејствување за да избегне нови одмазднички упади и бомбардирања. Но националната армија нема доволно капацитет да го наметне тоа, создавајќи опасна пат-позиција.По ракетирањето од страна на Хезболах кон Израел и силниот израелски одговор, либанската влада на 2 март донесе забрана за сите воени и безбедносни активности на групата — чекор што, според проценките, го приближува ризикот од директна конфронтација меѓу државните сили и Хезболах, сценарио што долго време се избегнуваше. Паралелно, расте и општествениот притисок: дел од јавноста, вклучително и од шиитската заедница, сè почесто ја доведува во прашање цената на ескалацијата, особено по масовните раселувања и наредбите за евакуација во јужен Либан.Во регионалниот контекст, клучно прашање е дали ќе има нови „секундарни фронтови“. Аналитичарите предупредуваат дека смртта на Али Хамнеи има силна емоционална и религиска тежина за дел од шиитските групи и дека тоа може да ја засили подготвеноста за радикални потези. Сепак, не сите организации и движења го гледаат врховниот лидер низ истиот религиски авторитет, што значи дека реакциите ќе варираат од земја до земја.Сè на сè, конфликтот сè помалку личи на изолиран судир и сè повеќе на процес што ги активира најкревките линии во регионот: од прашања на идентитет и влијание, до борби за институционална контрола и безбедносни пресметки. За државите на Блискиот Исток, растечкиот предизвик е да спречат домашните тензии да станат продолжена рака на една поширока, неконтролирана регионална конфронтација.

Свет | пред 1 седмица

media-library16rsbbrcm96p7DkWGbf

Европската крајна десница е застаната меѓу лојалноста кон Трамп и стравот од ценовен шок

Американско-израелските воздушни удари што ја отворија војната во Иран предизвикаа видливи пукнатини меѓу европските партии на крајната десница, кои во изминатите години често градеа политички капитал со отворена поддршка за Доналд Трамп, остар антиимигрантски наратив и изразена антиисламистичка реторика. Наместо единствен фронт, се појавија различни реакции – од молк и внимателни формулации, до јасно приклонување кон Вашингтон.Нивниот проблем е двоен: од една страна, тие вообичаено настапуваат како најгласни бранители на „силната Западна“ безбедносна линија; од друга, војната носи ризици што директно ги погодуваат нивните гласачи – страв од нови миграциски бранови, раст на цените на енергенсите и чувство дека Европа повторно ќе ја плаќа сметката за конфликт што не го контролира.Во првите денови од конфликтот највпечатлива беше тишината од унгарската владејачка партија Фидес. Премиерот Виктор Орбан, кој во минатото го претставуваше Трамп како „мировник“, избегна да заземе јасна позиција. Подоцна, во обид да ја ублажи очигледната противречност, Орбан оцени дека бомбардирањето не е „нов“ конфликт, туку завршување на претходно нерешено жариште.Слична непријатност се појави и во Италија. Лигата, чиј лидер Матео Салвини повеќепати јавно промовираше идеја Трамп да добие Нобелова награда за мир, сега се најде меѓу паролата за „дипломатски пат“ и домашниот притисок околу можната улога на американските бази на италијанска територија во нападите врз Иран.Во Германија, Алтернатива за Германија (AfD) настапи со предупредувања дека ново разнишување на Блискиот Исток не е во германски интерес. Нивните пораки се насочени кон сценарио што го користат и други европски десничари: пад или длабока нестабилност во Иран може да создаде масовни миграции и да предизвика енергетски потреси – две теми што редовно ги мобилизираат нивните гласачи.Токму енергијата и миграцијата се појавуваат како заеднички именител и кај други националистички движења. Фламански интерес во Белгија го истакна прашањето во парламент, потсетувајќи на долгорочните последици од западните интервенции во Либија и Сирија. Во Чешка, пак, владејачката партија АНО се движи по тенка линија: да не го критикува Трамп, но и да не се врзе за конфликт што би можел да ги покачи цените на енергенсите – клучна тема за домашната политика.Најостри критики, според реакциите што се појавија во јавноста, доаѓаат од Франција. Националното собирање на Марин Ле Пен и Жордан Бардела, иако останува цврсто против теократскиот режим во Техеран, го проблематизира начинот на интервенцијата и ја нагласува тезата дека промена на власта „наметната однадвор“, особено само преку воздушни удари, тешко има историски успешни примери.Спротивно од ова, дел од водечките националистички сили, како шпанскиот Вокс, холандската Партија на слободата и британската Reform UK на Најџел Фараж, поотворено застанаа на страната на Трамп, обидувајќи се да ја прилагодат пораката за домашна употреба: безбедносна цврстина надвор, и „заштита на Европа“ од последиците дома.Раздорите се чувствуваат и во Европскиот парламент, каде крајнодесничарските групи традиционално се обидуваат да настапуваат координирано, но во пракса сè почесто се судираат со националните интереси на сопствените делегации. Внатрешно, темата се оценува како „осетлива“, а разликите стануваат видливи токму кога од декларативна поддршка за Трамп треба да се премине на конкретно политичко позиционирање.Во таква атмосфера, се засилува проценката дека Трамп станува ризичен сојузник за дел од европската крајна десница: доволно близок за да го делат истиот политички јазик, но и доволно непредвидлив за да стане товар пред сопствените гласачи. Затоа, во многу штабови веќе се бара формула како да се зачува идеолошката линија, без да се преземе целата политичка цена од една војна што може да ја потресе Европа преку бензинските пумпи, сметките за струја и нови притисоци на границите.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryhh36fs92k6hgfJs9IBw

Иранскиот претседател: Никогаш нема да се предадеме – Трамп ќе ги однесе соништата за капитулација во гроб

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран „никогаш нема да се предаде“, додека судирите со Израел продолжуваат со размена на напади, а иранската војска возвраќа со удари и кон неколку земји од Персискиот Залив.Пезешкијан се огласи помалку од еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп порача дека неговата администрација нема да преговара со Техеран без „безусловна предаја“.Во телевизиско обраќање на државната телевизија, иранскиот претседател ги отфрли ваквите барања.Во меѓувреме, според наводите, по убиството на врховниот лидер Али Хамнеи пред една недела, во Иран е воспоставено привремено трипартитно раководство што ќе ја управува државата додека не биде избран негов наследник.Во советот се претседателот Пезешкијан, кој во јавноста важи за поумерен политичар, потоа претседателот на правосудството и тврд конзервативец Голамхосеин Мохсени Еџеи, како и високиот клерик Алиреза Арафи.Пезешкијан, исто така, соопшти дека привременото раководство одлучило соседните земји повеќе да не бидат цел на напади, освен ако нападите врз Иран не бидат иницирани од нивна територија. Како што пренесуваат иранските медиуми, тој им се извинил на соседните држави за ударите што се случиле во последните денови.

Свет | пред 1 седмица

h_57503169

Путин му изрази сочувство на Иран за смртта на врховниот водач и повика на итен прекин на војната

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за актуелната војна, соопшти Кремљ.Во соопштението се наведува дека Путин изразил сочувство за смртта на иранскиот врховен водач, како и за загинатите високи претставници и цивили во Иран. Воедно, ја повторил позицијата на Москва дека борбите мора веднаш да запрат и дека излезот од конфликтот треба да се бара по дипломатски пат.Иранскиот претседател, според истото соопштение, ѝ се заблагодарил на Русија за поддршката и го информирал Путин за состојбата на терен во земјата.Кремљ наведува дека е договорено двете страни да продолжат со контактите преку различни канали, во обид да се одржи политичката координација во време на зголемени тензии во регионот.Разговорот доаѓа во момент кога се појавуваат информации дека Русија на Иран му доставува разузнавачки податоци што би можеле да бидат искористени во напади врз американски сили во регионот. Од Вашингтон засега нема потврда за таква размена на информации, а Белата куќа порачува дека целта за мир останува достижна.

Свет | пред 1 седмица

media-librarykal3cahno92qcgJwQnL

Ријад отвори тајни линии кон Техеран: Саудиска Арабија работи на запирање на војната што го тресе Блискиот Исток

Саудиска Арабија во последните денови го засилила директниот ангажман со Иран и активирала „тивки“ дипломатски канали со цел да се намали ескалацијата на војната на Блискиот Исток и да се спречи нејзино натамошно ширење, тврдат повеќе европски функционери запознаени со разговорите.Според нивните наводи, контактите се водат дискретно и со зголемена итност, а напорите добиваат поддршка и од неколку европски и блискоисточни држави. Во фокусот е деескалација на тензиите и обид да се затворат каналите што би можеле да доведат до нови напади, одмазди и проширување на конфликтот во регионот.Ријад во меѓувреме изразил загриженост дека Иран би можел да се обиде да ги таргетира највисоките саудиски функционери, било директно или преку сојузнички вооружени групи, вклучително и бунтовниците Хути во Јемен. Како дел од мерките на претпазливост, саудиските власти наводно започнале да организираат состаноци на министри и други високи претставници преку видео-врски, што се смета за нетипично во „рутински“ периоди.Во извештајот се наведува и дека Саудиска Арабија веќе се нашла на мета на напади со беспилотни летала. Во еден од последните инциденти, два ирански дрона наводно го погодиле комплексот на американската амбасада во Ријад, при што бил предизвикан структурен дефект на дел од покривот и задимување во внатрешноста на објектот.Иако официјални потврди за деталите од тајните контакти нема, дипломатската активност на Ријад сигнализира страв од регионална дестабилизација што би можела да ги загрози безбедноста во Заливот, како и светските пазари, со оглед на чувствителноста на енергетските рути и цените на нафтата.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryv1qnhps9366l1bc4qgI

Иран ѝ се закани на ЕУ: „Кој ќе се приклучи на агресијата, станува легитимна цел“

Иран предупреди дека земјите членки на Европската унија што би се приклучиле на нападите на САД и Израел врз Иран ќе бидат третирани како „легитимни цели“ за иранска одмазда. Пораката ја испрати заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт-Раванчи, во интервју за француската телевизија France 24.„Секоја земја што ќе се приклучи на Америка и Израел во агресијата против Иран, дефинитивно ќе стане легитимна цел за Иран за одмазда“, изјави Тахт-Раванчи.Изјавата доаѓа во момент кога во ЕУ се забележуваат различни пристапи околу кризата и растечката воена напнатост на Блискиот Исток. Според објавените информации, дел од европските држави – меѓу кои Франција, Грција и Италија – испратиле воени бродови кон регионот, додека значаен дел од високите претставници на Унијата повикуваат на деескалација, прекин на конфликтот и дипломатско решение.Во Берлин, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија работи со партнерите на пристап што би довел до прекин на борбите со Иран, додавајќи дека неговата земја ги дели целите на САД и Израел.Во исто време, најостра критика за американско-израелската интервенција изрази шпанскиот премиер Педро Санчез. Тој повеќепати го осуди бомбардирањето на Иран како непромислено и незаконско, а објавено е и дека забранил користење американски авиони од поморските и воздухопловните бази во јужна Шпанија за напади врз Техеран.Изјавата на иранскиот заменик-министер дополнително ја зголемува загриженоста во Европа дека поширокото вовлекување во воени операции може да го прошири конфликтот и да отвори нови ризици – од безбедносни закани, до политички и економски последици за земјите на Унијата.

Свет | пред 1 седмица

bombarder

Американскиот стратешки бомбардер Б-1 „Лансер“ слета во Британија – порака на сила во сенка на заканите за нов бран удари врз Иран

Американскиот стратешки бомбардер Б-1 „Лансер“ слета во Обединетото Кралство, потег што доаѓа во чувствителен момент на зголемени тензии околу можни нови удари врз Иран. Леталото е забележано при пристигнување во воздухопловната база RAF Fairford во англиската грофовија Глостершир.Б-1 „Лансер“ е еден од најпрепознатливите тешки бомбардери во американското воздухопловство, наменет за далечински мисии и брза проекција на сила. Долг е речиси 45 метри, со распон на крилја од 42 метри, а масата му достигнува околу 86 тони. Познат е и по прекарот „The Bone“, формиран од изговорот „B-One“.Според достапните податоци за платформата, Б-1 е способен да носи значителен товар на вооружување и опрема – до околу 34 тони – вклучително и крстосувачки ракети, а неговите перформанси му овозможуваат брзина поголема од 1.450 километри на час. Леталото го управува четиричлен екипаж и е опремено со навигациски и системи за наведување за прецизно дејствување, како и со средства за електронска заштита и мамки против противвоздушни закани.Бомбардерот во минатото беше користен во низа операции на Блискиот Исток, меѓу кои во Сирија, Либија, Авганистан и Ирак, што го прави симбол на американската способност за брзо распоредување и удар од голема далечина.Слетувањето во RAF Fairford следува по одлука на британските власти да дозволат користење британски бази за изведување одбранбени удари врз ирански ракетни постројки, што дополнително го става пристигнувањето на Б-1 во поширок геополитички контекст. Во вакви околности, распоредувањето на ваков тип авион се чита како сигнал – и до сојузниците и до противниците – дека Западот ја држи отворена опцијата за брза ескалација доколку кризата продолжи да се продлабочува.

Свет | пред 1 седмица

media-library16rsbbrcm96p7DkWGbf

Силни експлозии кај Натанз: неизвесност околу состојбата на клучниот ирански нуклеарен комплекс

Силни експлозии се слушнале во централниот дел на Иран, во близина на градот Натанз, објавија ирански државни медиуми. Засега нема официјални податоци за можни жртви, ниту за обемот на причинетата материјална штета.Натанз е меѓу најчувствителните точки на иранската инфраструктура, бидејќи во неговата околина се наоѓа еден од најголемите и најпознати комплекси за збогатување ураниум во земјата – објект што претставува срцевина на иранската нуклеарна програма и долги години е во фокусот на меѓународните безбедносни проценки.Комплексот претходно беше цел на напади во текот на 12-дневниот конфликт во 2025 година, а и порано беше погоден во рамки на актуелната ескалација. Токму поради таа историја, секоја информација за експлозии во близина на Натанз веднаш предизвикува остри реакции и засилени шпекулации за можни саботажи или прецизни удари врз критична инфраструктура.Во отсуство на потврдени детали, вниманието е насочено кон тоа дали има нарушувања на работата на постројките и дали има последици по безбедносните системи на комплексот. Состојбата во областа внимателно ја следат меѓународни организации и аналитичари за безбедност, додека се чекаат дополнителни официјални соопштенија од иранските власти.

Свет | пред 1 седмица

putin-vojna

Белата куќа ја релативизира наводната руска помош за Иран: „Не прави разлика – ги разоруваме“

Белата куќа се обиде да ја намали тежината на тврдењата дека Русија споделува разузнавачки информации со Иран што би можеле да му помогнат на Техеран да ги таргетира американските воени цели во регионот. Портпаролката Каролин Ливит изјави дека таквата размена „не прави никаква разлика“ за американските операции и дека американските сили „целосно го разоруваат“ противникот.Ливит одби да одговори дали претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе разговара за овие наводи со рускиот претседател Владимир Путин, како и дали Вашингтон размислува за конкретни мерки поради можната руска улога.Според американски функционери запознаени со разузнавачките проценки, Русија на Иран му доставила информации кои потенцијално би можеле да помогнат при напади врз американски воени бродови, авиони и други цели. Во исто време, тие нагласиле дека нема докази оти Москва директно го насочува Техеран како да ги користи тие податоци.Наводите се појавуваат во момент на ескалација на судирот кој, според оценките, го отворија САД и Израел во изминатата недела. Во тие околности, информациите се толкуваат како можен прв сигнал дека Русија би можела да се обиде да преземе поактивна улога во конфликтот.Кремљ, пак, ги негираше тврдењата дека ѝ дава воена помош на Исламската Република и порача дека останува во контакт со Иран, без да прецизира каква е природата на таа комуникација.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryikulb80vm26ielx9zvA

Американски адмирал: Ги намаливме иранските напади за 90 отсто, потопени над 30 бродови

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека воената операција на САД против Иран „е сè уште во почетна фаза“ и дека се одвива според планот, нагласувајќи дека Вашингтон сам го одредува темпото и времетраењето на дејствувањето.Во истото обраќање, командантот на Американската централна команда (CENTCOM), адмирал Бред Купер, изнесе нови податоци за динамиката на судирот. Според него, американските сили во последните 72 часа погодиле речиси 200 цели на иранска територија, меѓу кои и структура што ја опиша како ирански еквивалент на американската Вселенска команда.Купер тврди дека од почетокот на конфликтот иранските напади со балистички проектили се намалени за 90 отсто, додека нападите со беспилотни летала паднале за 83 отсто. Во поморската димензија на судирот, адмиралот соопшти дека досега се потопени повеќе од 30 ирански бродови, што е зголемување во однос на претходните проценки.„Во само последните неколку часа погодивме ирански брод-носач на дронови, со големина на носач на авиони од Втората светска војна. Додека зборуваме, бродот гори“, рече Купер.Изјавите доаѓаат во момент кога Вашингтон најавува долгорочна издржливост за продолжување на операциите, а од Пентагон порачуваат дека располагаат со доволно муниција и капацитет за натамошни дејствија.

Свет | пред 1 седмица

netanjahu

Белата куќа: Нетанјаху не ја диктирал одлуката на Трамп за напад врз Иран

Белата куќа ги отфрли тврдењата дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за напад врз Иран била донесена по телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, потврди дека разговорот меѓу Трамп и Нетанјаху пред нападот бил „важен во однос на временската рамка“ на воената операција.Претходно беше објавено дека Нетанјаху минатиот понеделник му се јавил на Трамп и го информирал дека иранскиот врховен лидер во сабота ќе се сретне со највисоките претставници на режимот, што би можело да биде можност за ликвидација на целото раководство.Сепак, Левит изјави дека тој разговор не бил пресуден за одлуката на САД да извршат напад.„Мислам дека претседателот и пред тој повик имаше силно уверување дека иранскиот режим ќе ги нападне САД во регионот“, рече таа.Според неа, Трамп тогаш се соочил со избор – да изврши превентивен напад или да „седи и гледа“ како Иран напаѓа американски цели.

Свет | пред 1 седмица

media-library1mi2n94v9sfv9Tg5K8m

Иран го затвори Ормускиот теснец и се закани дека ќе пали бродови

Иран објави дека го затвора Ормуски теснец, а Исламска револуционерна гарда соопшти дека ќе „запали секој брод“ што ќе се обиде да помине низ оваа стратешка морска рута.Ормускиот теснец е најважниот светски пловен пат за извоз на нафта. Околу една петтина од глобалната трговија со сурова нафта поминува низ овој теснец, кој ги поврзува најголемите производители од Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море.Со оглед на тоа што Иран контролира дел од брегот на теснецот и има значително воено присуство во регионот, секое ограничување на пловидбата директно влијае врз глобалните енергетски пазари, цената на нафтата и безбедноста на меѓународниот транспорт.Засега нема официјални информации за конкретни напади врз трговски бродови, но заканата дополнително ја зголемува тензијата во Персискиот Залив и го отвора прашањето за можни меѓународни реакции и воена ескалација.

Свет | пред 2 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања