Коневски е инвеститор на зградата каде загина работник во Кисела Вода
Поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски, е инвеститор на зградата во скопската населба Кисела Вода каде утринава загина еден градежен работник, а тројца се тешко повредени откако беа затрупани при ископ на темели.Коневски, според јавно достапни податоци, е сопственик на компанијата Нар Инвестмент од Скопје. Компанијата е основана во ноември 2025 година како ДОО со едноличен капитал и е регистрирана во Центар.Изведувач на градежните работи е Компанија Јакимовски ДООЕЛ, чиј сопственик и управител е Предраг Јакимовски, додека проектант и надзор е „Сара 4“.Коневски посочи дека засега немаат информации за причините за несреќата.Загинатиот бил на возраст од околу 32 години, додека повредените се хоспитализирани на Ургентниот центар и лекарите се борат за нивните животи.Од Центарот за управување со кризи информираа дека првиот повик за несреќата бил примен во 08:14 часот, по што веднаш биле алармирани сите надлежни служби. Во спасувачката акција учествувале полицијата, Итната медицинска помош, пожарникарите и други служби, соопшти Министерство за внатрешни работи.Од Основно јавно обвинителство Скопје информираа дека е издадена наредба за обдукција на починатиот и дека се преземаат дејствија за утврдување на причините за несреќата, при што на терен се и надлежните инспекциски служби.
Скопје | пред 2 часа