Најмалку 116 мртви во нов крвав ден во Газа – меѓу нив и гладни цивили што чекале помош
Најмалку 116 лица загинаа во неделата во нов напад во Појасот Газа, откако израелските сили отвориле оган и извршиле гранатирање врз Палестинци кои се обидувале да дојдат до хуманитарна помош, соопшти Цивилната заштита во Газа. Според нивните податоци, само во неделниот инцидент загинале 93 лица, а бројот на повредени е значително поголем.Очевидци сведочат дека израелски тенкови пукале „неселективно“ врз луѓето. Еден од нив изјавил: „Прашањето е: дали да го носите ранетиот за да го спасите, или вреќа брашно за да го нахраните семејството?“Светската програма за храна (WFP) соопшти дека нејзини тимови биле сведоци на „огромни толпи гладни цивили врз кои било пукано“ во областа Зиким, во обид да стигнат до помош.Израелската армија, на прашање од новинската агенција АФП, го негираше извештајот од Цивилната заштита и тврди дека нејзините сили отвориле „предупредувачки оган“ како реакција на „непосредна закана“ поради собирањето на илјадници лица во зоната на ризик.Додека хуманитарната криза се продлабочува, Обединетите нации и повеќе меѓународни организации алармираат за сè поочигледниот ризик од масовен глад во Газа, особено меѓу најранливите. Цивилната заштита информираше дека во последните денови е регистрирано зголемување на бројот на смртни случаи кај доенчиња и новороденчиња – само минатата недела починале најмалку три деца поради глад и екстремна неухранетост.
Свет | пред 5 месеци