(Видео) Сиднеј ја дочека 2026 година со спектакуларен огномет и засилени безбедносни мерки
Сиднеј денеска влезе во новата 2026 година со традиционален, величествен огномет, но под строги безбедносни мерки, само две недели по трагичниот вооружен напад на еврејска прослава на плажата Бонди, во кој загинаа 15 лица.Во 23 часот по локално време, организаторите одржаа минута молк во чест на жртвите. Мостот Харбор беше осветлен во бела боја, а на неговите пилони беше проектирана менора – симбол на јудаизмот. Градоначалничката на Сиднеј, Кловер Мур, изјави дека по трагичниот крај на годината за градот, новогодишниот дочек треба да биде можност граѓаните да се обединат и со надеж да ја дочекаат мирната и среќна 2026 година.Нападот се случи на 14 декември за време на прославата на Ханука, кога вооружени напаѓачи – татко и син – убија 15 луѓе. Станува збор за најтешкото масовно убиство во Австралија во речиси три децении, кое ја шокираше јавноста и ги засили стравувањата од пораст на антисемитизмот во земјата.Поради безбедносни причини, традиционалните празнични прослави на плажата Бонди годинава беа значително поскромни, а неколку новогодишни настани беа откажани. За време на главниот дочек, на кој обично присуствуваат повеќе од еден милион луѓе, во градот беа распоредени околу 3.000 полицајци, дел од нив и со автоматско оружје.Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, порача дека општеството мора да покаже пркос пред ваквите злосторства и да испрати јасна порака дека тероризмот нема да ги заплаши граѓаните, ниту ќе го промени начинот на живот во градот.
Свет | пред 5 часа