Владата ја отфрли предложената листа со тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), оценувајќи дека ниту еден од нив не ги исполнил утврдените услови. Станува збор за обвинителката Ленче Ристоска, судијката на Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
По оваа одлука, е донесена нова одлука за формирање на Комисија со променет состав и намален број членови – од девет на пет. Според информациите, Владата согласно законските процедури има право да ја измени Комисијата за избор на кандидати за судија во ЕСЧП, а новоформираниот состав ќе продолжи со понатамошната постапка.
Во новиот состав членуваат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајковска Стрезоски.
Со оваа владина одлука престана да важи мандатот на претходниот состав на Комисијата, во кој имаше претставници од повеќе институции – меѓу другите и од Уставниот суд, Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, правните факултети, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Од претходниот состав единствено останува Ирина Трајковска Стрезоски, која неодамна беше избрана за директорка на Академијата, а чиј избор е предмет на постапка пред Управниот суд.
Листата со кандидати која сега е отфрлена, подолго време била во процедура, но не стигнала до владина седница. Според предвидената постапка, Комисијата требало најпрвин да го достави предлогот до Меѓународниот советодавен панел на Советот на Европа за мислење, а дури потоа до Владата. Тоа не било направено.
По отфрлањето на листата, постапката продолжува од почеток, со нови кандидати кои ќе треба да бидат селектирани од новоформираната комисија. Судијата Јован Илиевски, чиј мандат во Стразбур истекува на 1 февруари 2026 година, засега останува на функцијата.
Инаку, во јавноста, дел од вниманието околу кандидатурата на судијката Габриела Гајдова беше насочено кон нејзиното постапување во предметот „Скопски пазар“, во кој судот одлучил во корист на сопругот на Весна Дамева, членка на Судскиот совет, која претходно гласала за изборот на Гајдова во Апелацискиот суд.
Одлуката подоцна беше укината од Врховниот суд со забелешки за погрешна примена на судска пракса. Судијката ја донела и познатата пресуда за случајот со украдените ќебапи и алкохол, која често се споменува во јавноста. Гајдова ги негира сите наводи за пристрасност, наведувајќи дека постапувала исклучиво според закон и дека е отпорна на надворешни влијанија.
Обвинителката Ленче Ристоска, пак, дел од тимот на Европравда и поранешна членка на Специјалното јавно обвинителство, се најде под лупа поради предметот за бонусите во СЈО, во кој беше покрената постапка за разрешување на републичкиот обвинител.
Таа е поврзана и со роднинска врска со сопругата на министерот Тимчо Муцунски, што предизвика сомнежи за можен конфликт на интереси. Министерството за надворешни работи ја оспори поврзаноста како правно релевантна, наведувајќи дека станува збор за далечно сродство. Ристоска е позната и по водењето на големи случаи како „Таргет-тврдина“ и „Талир“.