Американскиот Пентагон повторно ја активира програмата за задолжителен скрининг на тестостерон за воениот персонал постар од 30 години, само неколку недели откако нејзиното спроведување беше привремено прекинато.
Новите упатства стапуваат во сила веднаш и имаат цел да воспостават единствен пристап при откривањето и третманот на состојбите поврзани со недостаток на тестостерон кај мажите. Ова го потврди портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
Програмата првично беше најавена во јули од министерот за одбрана Пит Хегсет, кој ја поддржува употребата на тестостерон во контекст на подобрување на подготвеноста на американскиот воен персонал.
Според првичниот план, во програмата требаше да бидат опфатени и жените. За нив беше предвиден прашалник преку кој би се проценувале можни состојби поврзани со хормонален дисбаланс, по што можеше да следи соодветен третман.
Сепак, на почетокот на септември Пентагон ги повлече медицинските упатства што веќе беа објавени и ја суспендираше програмата за да изврши нивно ажурирање.
Во меѓувреме, медицински експерти предупредија на можните последици од несоодветното препишување тестостерон. Според нив, ваквата терапија може да го зголеми ризикот од неплодност кај воениот персонал, но и да предизвика други здравствени последици.
Со новите упатства, Пентагон повторно го воспоставува скринингот и унифицираните процедури за проценка и третман на состојбите поврзани со тестостеронот кај воениот персонал.