Иван Пешевски од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) попладнево на протест пред Владата најави дека секој ден ќе бидат присутни додека не се постигне целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на сите плати за 6.000 денари.
Пешевски порача дека работниците сакаат достоинствена плата која го вреднува нивниот труд, а не милостина. Тој истакна дека ќе бидат подготвени да блокираат институции и да донесат одлука за генерален штрајк во приватниот сектор за првпат во историјата на Македонија.
„Велат не сме биле продуктивни, а тие се многу продуктивни со Мерцедеси, Поршиња и вили во Грција! Доста е, време е да се разбудиме“, рече Пешевски, додавајќи дека додека работниците се грижат како да ги прехранат семејствата, дел од властите уживаат во луксуз.