Иако многумина сметаат дека во кујната сè прават правилно, одредени секојдневни навики можат значително да го зголемат ризикот од пожар во домот, предупредуваат експертите.
Според Сузан Мекелви од американската Национална асоцијација за заштита од пожари, најчеста причина за пожари во домовите е готвењето без надзор.
„Готвењето без надзор е водечка причина за пожари во домовите и за смртни случаи поврзани со нив“, вели Мекелви. Таа објаснува дека многу луѓе го оставаат шпоретот вклучен додека извршуваат други домашни обврски, ја напуштаат просторијата или дури заспиваат.
Дополнителна опасност претставуваат запаливите предмети оставени во близина на шпоретот. Кујнските крпи, ракавиците, хартиените салфетки, како и пластичната и хартиената амбалажа треба да се чуваат најмалку 90 сантиметри подалеку од изворите на топлина.
Експертите предупредуваат дека ниту електричните шпорети не се побезбедни од плинските. Иако немаат отворен пламен, тие се поврзани со голем број пожари и повреди во домаќинствата.
Мекелви советува и рачките од тенџерињата и тавите секогаш да бидат свртени кон внатрешноста на шпоретот. На тој начин се намалува ризикот некој случајно да ги закачи и да предизвика излевање на врела течност или пожар.
Посебно внимание треба да се посвети и на безбедноста на децата и домашните миленици. Експертите препорачуваат околу шпоретот да се воспостави „безбедносна зона“ широка најмалку 90 сантиметри, во која нема да им биде дозволен пристап додека се подготвува храна.
Експертите нагласуваат дека со неколку едноставни мерки – постојан надзор при готвењето, отстранување на запаливите предмети и внимателно ракување со садовите – може значително да се намали ризикот од пожари и повреди во кујната.