Поранешен пилот на Air Canada е обвинет дека со години управувал со патнички авиони без соодветна дозвола, соопшти канадската полиција.
Според истрагата, Џефри Вол (59) од Бари, Онтарио, од 2009 до 2025 година работел како капетан на повеќе од 900 домашни и меѓународни летови, иако не поседувал лиценца потребна за управување со големи комерцијални патнички авиони.
Иако имал важечка дозвола за комерцијален пилот, Вол бил унапреден во капетан без да ја поседува потребната лиценца за линиски пилот, соопшти компанијата.
„Тврдењето е дека од 2009 година летал, лажно претставувајќи се и користејќи фалсификувани документи за лиценцирање пред својот работодавец и регулаторните тела“, изјави заменик-началникот на полицијата Ник Милинович.
Според него, Вол напредувал до позиција командант на воздухоплов и речиси 17 години управувал со авиони од типовите „Боинг 767“, „Боинг 777“ и „Боинг 787“.
Неправилностите биле откриени при проверка на документацијата, по што регулаторното тело Transport Canada ја известило полицијата.
Од Air Canada соопштија дека пилотот веднаш бил отстранет од должност кога било утврдено дека нема соодветна дозвола, а случајот доброволно бил пријавен кај надлежните власти. Компанијата наведе дека Вол повеќе не е нивен вработен.
„Безбедноста не беше загрозена со овој инцидент, бидејќи сите пилоти во Air Canada поминуваат низ задолжителна обука на секои шест месеци и годишни проверки на летачките способности“, соопшти авиокомпанијата.
Од компанијата одбија дополнително да го коментираат случајот поради истрагата и заштитата на приватноста, а потврдено е дека Transport Canada му изрекла и парична казна на поранешниот пилот.