Случаите „Онкологија“, „Пулс“ и „Крмзов“ се меѓу приоритетите на обвинителството и, според државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за нив веќе има силни и конкретни докази. Иако Собранието вчера му изгласа недоверба преку интерпелација, Коцевски останува на ставот дека нема да се занимава со политика и дека неговиот фокус е насочен исклучиво кон правдата.
„Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд: „Онкологија“ – случај за кој и лично чувствувам обврска да го докажеме, потоа случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов – докажуваме криминал тежок 90 милиони евра, потоа убиствата причинети од криминалните пресметки и секако случајот за кој се обврзав пред семејствата дека ќе има правна завршница, а тоа е пожарот во дискотеката „Пулс“. Ние како обвинителство обезбедивме илјада докази за два ипол месеци срочени во обвинение за сторено кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, сега зависи од судот за колку време случајот ќе има судска разрешница“, изјави Коцевски во интервју за весникот Вечер.
Тој додава дека во овој момент не размислува за оставка.