По случувањата со загадената вода за пиење во Гостивар, Ина Многуфина на социјалните мрежи објави порака во која повика на искрено соочување со причините за состојбите во општеството, оценувајќи дека одговорноста не е само кај политичарите, туку и кај граѓаните.
Во својата објава таа наведува дека со години биле нормализирани партизацијата, вработувањата по партиска линија, купените дипломи, непотизмот, кршењето на етичките стандарди, користењето врски за привилегии и молчењето пред неправдите.
Според Многуфина, општеството прифатило како нормални појави барањето услуги „преку ред“, злоупотребата на системот и премолчувањето на проблемите од страв за работното место, наместо тие да бидат пријавени и решени.
„Нормализиравме 35 години сè што не треба. Што мислевме? Што може да дојде откако ќе нормализираш сè што не треба? Ред? Да си збориме искрено“, напиша Многуфина.
Нејзината објава следува во период кога јавноста е фокусирана на случајот со загадената вода во Гостивар, за кој е во тек истрага, а надлежните институции преземаат мерки за утврдување на одговорноста.