Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, синоќа се сретна со жителите на скопското село Страчинце, кои протестираат против отворањето каменолом во нивната близина.
Меџити ги информираше жителите дека министерството донело негативна одлука за барањето за започнување со работа на каменоломот. Како што изјави, оваа одлука е резултат на континуираната загриженост на населението и анализите на надлежните институции за негативните последици врз животната средина, ризикот од поплави и здравјето на луѓето.
„Ова е долгоочекувана вест за жителите на Страчинце, кои со години се загрижени за можните последици од каменоломот“, рече Меџити, нагласувајќи дека дозволата за работа била издадена пред неколку години од претходни влади.
Според него, следниот чекор е конечно поништување на концесијата, што ќе биде разгледано на наредната седница на Владата. Со тоа, како што додаде, прашањето ќе биде затворено, а правдата ќе биде на страната на жителите.
Меџити најави и активности за повторно пошумување на овој регион.