Политичката платформа ВЛЕН објави остра реакција во која тврди дека Општина Сарај е доведена во финансиски колапс поради, како што наведуваат, долготрајни и неконтролирани трошоци на ДУИ. Според нив, по еден месец работа, новиот градоначалник Мухамед Елмази затекнал речиси четири милиони евра долгови, сомнителни договори и сериозен институционален неред.
„Ова не е изолиран случај, туку модел на лошо владеење на ДУИ со години, секаде каде што имало власт без контрола и без отчетност. Сарај е најчистиот пример за начинот на кој ДУИ управувала со општините – без ред, без одговорност и со логика дека институциите се третираат како лични феуди“, соопшти ВЛЕН.
Од платформата посочуваат дека општината практично започнува „од нула“ и дека новата администрација работи со фокус на финансиски ред, транспарентност и услуга за граѓаните. ВЛЕН најавува поддршка за секој чекор на градоначалникот Елмази насочен кон документирање на сите злоупотреби и нивно проследување до надлежните органи.
„Никој нема да биде заштитен и ниедна злоупотреба нема да биде скриена“, се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН уверуваат дека граѓаните ќе ја почувствуваат разликата меѓу „хаосот и долговите што ги оставила ДУИ“ и она што тие го нарекуваат нов почеток – ред, одговорност и јавна служба.