И покрај тоа што зборот политика граматички е од женски род, реалноста на локално ниво останува длабоко машка. Само четири жени успеаја да станат градоначалнички на Локалните избори 2025, покажувајќи дека родовата еднаквост во македонската политика е далеку од постигната.
Од вкупно 309 кандидати што се бореа за градоначалничките фотелји, само 32 беа жени. Овој податок сам по себе сведочи за нерамноправна стартна позиција, а резултатите на изборите ја потврдија сликата – само четири општини од вкупно 80 и Град Скопје ќе бидат раководени од жени.
Четирите градоначалнички
✅ Бети Стаменкоска Трајкоска (ВМРО-ДПМНЕ) – Кисела Вода
✅ Соња Стаменкова (СДСМ) – Македонска Каменица
✅ Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ) – Неготино
✅ Наталија Димитриева (ВМРО-ДПМНЕ) – Демир Капија
Во 16 општини и Град Скопје имаше само по една жена кандидат, а имаше и општини каде на гласачкото ливче немаше ниту една кандидатка.
Историјата на нееднаквоста
Од првите избори за градоначалници во 1996 година до денес, со општините управувале 715 мажи и само 22 жени. Иако со години се зборува за потребата од поголема застапеност на жените, менталитетот и политичката структура остануваат речиси непроменети.
Иако квалитетот на кандидатите треба да биде поважен од полот, четири градоначалнички во 81 локална единица не ја одразуваат реалноста во која жените активно учествуваат во сите општествени сфери.
Порака што сè уште не е разбрана
Овие избори уште еднаш потсетија дека родовата еднаквост не е само декларативна цел, туку прашање на култура, поддршка и доверба. Сè додека жените остануваат исклучок во политиката, демократијата ќе остане половична.