Полска сè поотворено се подготвува за можни безбедносни закани од исток, а чувството дека опасноста од војна е реална и присутна е сè пораспространето меѓу населението. Инвазијата врз Украина во 2022 година, честите упади на дронови во полскиот воздушен простор и серијата саботажи поврзани со руските тајни служби создадоа атмосфера на постојано предупредување, пишува „Гардијан“.
Цезари Прушко, 60-годишен Полјак, и натаму ги памети часовите по цивилна заштита од времето на комунистичка Полска. Тие, вели тој, биле дел од секојдневието, исто како и чувството дека војната може да се случи во секој миг. Оваа сабота, многу години подоцна, повторно ги обновува истите вештини – читање карти, користење заштитна опрема, палење оган – заедно со десетици граѓани во воена база крај Варшава. Обуката е дел од нов државен проект што до 2027 година треба да опфати 400.000 лица, од ученици до пензионери.
„Живееме во најопасниот период по Втората светска војна“, изјави полскиот министер за одбрана Владислав Косиниак-Камиш, нагласувајќи дека секој граѓанин треба да знае како да се снајде во криза. Владата веќе го зголеми буџетот за одбрана на 4,8 проценти од бруто домашниот производ – далеку над просекот на останатите земји членки на НАТО. Се обновуваат стари засолништа, а новите објекти мора задолжително да имаат безбедносни простории. Полска започна и изградба на таканаречениот „источен штит“ долж границата со Белорусија и руската ексклава Калињинград.
На неколку километри од белоруската граница, бригадниот генерал Роман Брудло од 9. оклопна бригада вели дека руската агресија врз Украина целосно ја променила безбедносната слика. „Мирното време заврши. Живееме во тежок и непредвидлив период“, истакна тој. Според Брудло, руските напади во иднина најверојатно ќе бидат хибридни – саботажи, дезинформации, притисоци – а не класичен напад со тенкови и војска.
Капетан Карол Франковски раскажува за летните НАТО-вежби во Германија, каде неговиот тим учествувал во симулација на хибриден напад. „Моравме да реагираме како да е прогласена вонредна состојба, да комуницираме со граѓани, медиуми, локални власти“, објасни тој. Една од хибридните тактики, велат полските офицери, е насочување илегални миграции преку Белорусија, поради што бригадата секојдневно патролира со граничната служба.
Мигрантската криза останува силна точка на поделба во Полска. Иако новата прогресивна влада на Доналд Туск ги критикуваше строгите мерки на претходната администрација, фокусот на заканата од Русија направи многу либерали да ги поддржат истите политики.
Додека државата ги зацврстува границите, жителите во близина на Калињинград се обидуваат да живеат мирно. Пјотр Бартосјук, директор на средно училиште, смета дека неговиот град е помалку изложен од Варшава.
„НАТО ни дава сигурност“, вели тој, уверувајќи дека Русија нема да ги нападне. Но младите, како 15-годишната Корнелија Бржежинска, се подготвени на сè. Таа учи во воено одделение и сака да се приклучи војската.
„Ако дојде до напад, ќе ја бранам Полска. Тоа за мене не е прашање“, вели таа, стоејќи пред училиште на чиј ѕидови уште стојат траги од шрапнели од Втората светска војна.
Додека денот на обука во базата завршува, Цезари Прушко објаснува дека истите вештини им ги предава и на своите вработени. „Многу млади пораснаа во мир, во Европска унија. Сакам да знаат што да прават ако некогаш дојде момент кога тоа ќе биде неопходно“, вели тој.
Полска, заклучуваат аналитичарите, се наоѓа во историски миг во кој се обидува да ја надмине сопствената ранливост – овојпат преку подготвеност, застрашување и граѓанска мобилизација.