Поддршката за францускиот претседател Емануел Макрон падна за седум процентни поени во споредба со крајот на јуни и достигна рекордно ниски 18 отсто, покажува истражување спроведено од институтот „Одокса“ и консултантската компанија „Маскарет“.
Според анкетата, само 18 отсто од испитаниците сметаат дека Макрон е добар претседател, додека 82 отсто имаат спротивен став, објави BFMTV.
Пад на поддршката е забележан и кај премиерот Себастиен Лекорни. Неговата поддршка се намали за осум процентни поени, па 24 отсто од анкетираните го оцениле како добар премиер.
Истражувањето е спроведено во период кога во Франција расте загриженоста поради зголемувањето на цените на горивата. Седумдесет и пет отсто од испитаниците изјавиле дека го поддржуваат проширувањето на помошта за граѓаните кои во голема мера зависат од автомобилите, додека 62 отсто сметаат дека, и покрај високиот буџетски дефицит, владата треба да издвојува повеќе средства за оваа намена.
Анкетата била спроведена пред телевизиското обраќање на Макрон на TF1 и France 2, во кое тој зборувал за мерките поврзани со цените на горивата.
Во однос на политичарите кои се споменуваат во контекст на идната претседателска кампања, 35 отсто од испитаниците изјавиле дека го поддржуваат или имаат симпатии кон лидерите на Националниот собир, Марин Ле Пен и Жордан Бардела. Нивната поддршка во однос на претходното мерење се намалила за четири, односно пет процентни поени.
Поранешниот премиер и кандидат од центар-десницата, Едуар Филип, има поддршка од 27 отсто, Франсоа Оланд 22 отсто, додека кандидатот од центар-левицата, Рафаел Глуксман, е поддржан од 20 отсто од испитаниците.
Анкетата била спроведена онлајн.