Од Општина Крива Паланка информираат дека по неколкуте последни објави во медиумите и порталите, чувствуваат обврска да дадат јасно појаснување во однос на проблемот кој повеќе од една деценија ја засега општината, а се однесува на несовесно одгледување и чување на говеда.
„Најпрвин, сакаме недвосмислено да нагласиме дека Општината, инспекциските служби и градоначалникот немаат законска надлежност за постапување во вакви случаи, бидејќи согласно законската рамка во Република Македонија:
• надзорот, контролата и спроведувањето на мерките во делот на здравствена заштита и благосостојба на животните се во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство, како централен надлежен орган за ветеринарни активности и благосостојба на животните, утврден со закон;
• постапувањето по инспекциски мерки, вклучително и одземање и понатамошно згрижување на животни, се спроведува исклучиво преку надлежните државни инспекциски служби.
Согласно доставените информации, предметното стадо говеда е трајно одземено со правосилно и извршно решение, донесено по спроведена вонредна инспекциска контрола и се наоѓа во сопственост на надлежниот државен орган – Агенцијата за храна и ветеринарство.
Проблемот произлегува од фактот што и покрај донесеното решение пред повеќе од две години, досега не е спроведена постапка за трајно згрижување на одземените говеда, што дополнително ја усложнува состојбата на терен.
Затоа уште еднаш потенцираме:
• Општина Крива Паланка нема законски надлежности, ниту институционални ресурси за самостојно постапување во вакви случаи;
• Општината може да обезбеди единствено логистичка поддршка при евентуални активности кои ќе ги преземе надлежната државна институција.
Воедно, покрај штетите кои ги трпат физички лица, значителна и континуирана штета трпи и самата Општина, која секојдневно вложува сериозни финансиски средства за обнова и одржување на урбаното зеленило и јавните површини.
Општина Крива Паланка останува отворена за соработка и ќе продолжи да дејствува во рамки на своите законски надлежности, во интерес на граѓаните и јавниот ред“, велат од Општина Крива Паланка.