Додека рускиот и американскиот претседател се подготвуваат да се сретнат во најголемиот град во Алјаска, на интернет повторно се појавија шпекулации дека Владимир Путин ја отфрла легитимноста на продажбата на Алјаска на САД од страна на Русија во 1867 година.
Претседателите на САД, Доналд Трамп и на Русија, Владимир Путин ќе се сретнат во петок во воена база во најголемиот град во Алјаска, Анкориџ, за долгоочекувани разговори за руската инвазија на Украина. Локацијата на средбата е избрана од практични причини, објавува „Еуроњуз“.
Алјаска и Русија се оддалечени само 90 километри, а Малиот Диомед на Алјаска е на помалку од четири километри од Големиот Диомед на Русија во Беринговиот Проток. Ова значи дека Путин може да пристигне на разговорите, избегнувајќи го воздушниот простор на западните земји кои би можеле да се обидат да го пресретнат неговиот лет за да спроведат потерница од Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Но, местото не е само практично, туку е и симболично. Алјаска некогаш била руска колонија. Во 1867 година, рускиот император Александар II ја продал на САД за 7,2 милиони долари за да помогне во отплатата на долговите настанати за време на Кримската војна од 1853-1856 година.
Најголемата американска држава
Русија не ја сметаше Алјаска за економски значаен дел од својата територија. Алјаска официјално беше прогласена за 49-та американска држава во 1959 година, а денес е најголемата од сите 50 американски држави.
Путин ќе биде првиот руски претседател што ќе го посети Анкориџ. Средбата во Анкориџ повторно ги разгоре разговорите за Алјаска како „историска руска земја“, при што истакнати функционери на Кремљ го нагласија руското наследство и историјата на територијата. Теоријата дека Русија еден ден ќе ја врати таа американска федерална држава не е нова.
Минатата година, идеолошката гласноговорничка на руската државна телевизија Олга Скабеева ја нарече таа американска територија „наша Алјаска“. Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност и поранешен руски претседател, се пошегува на социјалните мрежи за започнување војна со САД за територијата.
Кирил Дмитриев, главниот преговарач на Кремљ, кој исто така раководи со Рускиот фонд за директни инвестиции, минатата недела изјави дека Алјаска е „руско-американска“ и посочи дека состанокот би можел да поттикне поблиска соработка меѓу Москва и Вашингтон на Арктикот.
Дали Русија ја откажа продажбата на Алјаска?
Постер од 2022 година со пораката „Алјаска е наша“, кој во тоа време предизвика негодување кај некои американски сенатори, исто така, повторно се појави. Постојат и шпекулации дека Москва презема чекори за враќање на таа територија.
Шпекулациите беа поттикнати од тоа што Трамп ја помеша Алјаска со Русија на прес-конференцијата во понеделникот, кога рече дека ќе патува во „Русија“ за да се сретне со Путин, иако веќе ја потврди Алјаска како место на средбата.
Некои корисници на социјалните медиуми пишуваа дека пресудата на рускиот Врховен суд од 2022 година ја поништи продажбата на Алјаска на САД во 1867 година. Сепак, сè уште не се објавени официјални судски документи за да се поддржи тоа тврдење. Други корисници го наведоа указот од 2024 година со кој наводно продажбата на Алјаска од 1867 година е прогласена за нелегална.
Тој указ навистина постои. Тој е датиран на 18 јануари 2024 година и издвојува средства за пребарување, регистрација и правна заштита на руски историски средства во странство. „Еуроњуз“ ја провери неговата содржина и откри дека не ја споменува Алјаска.
Сепак, аналитичарите веруваат дека Кремљ би можел да го искористи декретот за повторно отворање на историските спорови, не само во Алјаска, туку и во поранешните руски територии.