Членот на Извршниот одбор на СДСМ и секретар за меѓународна соработка, Андреј Жерновски, реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека би бил „најсреќен“ доколку САД ги заострат условите за иселенички визи за македонските граѓани.
Жерновски смета дека ваквиот став е спротивен на политиката што, според него, треба да ја води една држава која сака да ги задржи младите во земјата. Наместо да се создаваат подобри услови за живот, работа и образование, тој оценува дека власта се обидува да го ограничи нивниот пристап до можностите во странство.
„Наместо премиер кој се бори да нема визи и бариери за македонските граѓани, за жал, ние го имаме Мицкоски, кој вели дека би бил најсреќен ако САД ги затегнат условите за иселенички визи за Македонците“, наведува Жерновски.
Според него, таквиот пристап значи младите да не одат во странство, да не студираат, да не стекнуваат искуства и да не работат надвор од државата, но не затоа што Македонија им понудила подобри услови, туку затоа што би им биле затворени вратите кон други земји.
Жерновски прашува дали некој од опкружувањето на премиерот ќе му укаже дека ограничувањето на можностите за заминување не може да се смета за политика за враќање или задржување на младите.
Тој го оценува како особено проблематично тоа што, како што наведува, една НАТО-членка би барала од друга земја-членка да ги заостри условите за визи за нејзините граѓани.
„Тогаш проблемот веќе не е во визите. Проблемот е во овој чуден премиер што мисли дека иднината на младите се брани со тоа што ќе им го затвориш излезот“, вели Жерновски.
Во својата реакција тој го поврзува ова и со политиките на Владата во односите со Европската Унија, посочувајќи дека Мицкоски претходно говорел за движење на државата кон ЕУ.
На крајот, Жерновски порачува дека доколку власта навистина сака младите да останат во Македонија, треба да создаде услови во кои тие самите ќе изберат да ја градат иднината во земјата.
„Ако навистина сакате младите да останат, тогаш направете Македонија од која нема да сакаат да си заминат. Не Америка во која нема да им дозволите да одат. Тоа е разликата меѓу држава што задржува луѓе и власт што ги заробува“, наведува Жерновски.