Спорот меѓу српските воздухопловни власти и авиокомпанијата „Виз ер“ продолжува, а засега нема најава за негово разрешување.
И покрај барањата компанијата да ги прифати наодите на регулаторот и да го усогласи своето работење со прописите на Србија, „Виз ер“ и натаму тврди дека е оштетена од новите регулаторни мерки. Според српските медиуми, компанијата повторно не одговорила на прашањата поврзани со безбедноста на авионите, патниците и потребните лиценци.
Со измените на правилникот за издавање одобренија на странски авиокомпании е прецизирано дека превозниците кои летаат со Србија врз основа на третата и четвртата слобода на воздушниот сообраќај можат да извршуваат летови исклучиво меѓу Србија и својата матична држава.
„Виз ер“, која има база во Белград, смета дека ваквите измени би можеле да го загрозат нејзиното работење во Србија.
По повод спорот се огласи и Директоратот за цивилно воздухопловство на Србија, од каде што порачаа дека институцијата работи професионално, непристрасно и во согласност со домашните и меѓународните прописи.
„Измените на регулативата не претставуваат ограничување на правата за вршење воздушен сообраќај, туку уредување на регулаторната рамка, која подеднакво се применува на сите авиопревозници што работат на пазарот во Република Србија“, се наведува во соопштението.
Од Директоратот додаваат дека и во иднина ќе постапуваат транспарентно и одговорно, со цел да обезбедат безбеден, стабилен и конкурентен развој на цивилното воздухопловство во Србија.