До 1 јули, регрес за годишен одмор, односно К-15, добиле само 15 проценти од вработените, додека просечната нето-исплата изнесувала 28.562 денари.
Согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор, работодавачите кои исплаќаат К-15 годинава се должни да обезбедат најмалку 19.567 денари. Овој износ е утврден на 40 проценти од просечната нето-плата за последните три месеци, објавена од Државниот завод за статистика, освен во случаи кога компанијата има докажани економски потешкотии.
За вработените во јавниот сектор, регресот за годишен одмор изнесува 13.560 денари, што претставува 30 проценти од просечната нето-плата за претходната година, согласно Општиот колективен договор.
Во одредени дејности, преку гранските колективни договори, може да бидат договорени и повисоки износи на К-15, во зависност од условите утврдени меѓу работодавачите и синдикатите.