Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, со остра реакција кон носителите на извршната и законодавната власт, обвинувајќи ги дека наместо да се фокусираат на зголемување на минималната и работничките плати, ја насочуваат енергијата кон одбрана на, како што рече, „неодбранливото“.
„Дозволете ми на премиерите, министрите и пратениците да им се заблагодарам на пи-ар стратегиите кои успеаја да предизвикаат половина држава да им се смее, а другата половина да ги осудува“, изјави Трендафилов, додавајќи дека мал број луѓе на врвот нанесуваат штета на многумина.
Тој посочи дека изминатите денови во јавноста се создава атмосфера која, според него, потсетува на опасна реторика и обиди за поделба меѓу граѓаните, вклучително и меѓу оние што живеат со минимална плата. Според Трендафилов, наместо да се отвори суштинска дебата за подобрување на животниот стандард, вниманието се пренасочува кон дневнополитички пресметки.
„Што значи еден ден доаѓање на работа пешки без патни трошоци? Што значи иницијативата функционерите да примаат минимална плата? Да беа толку жестоки за зголемување на платите, колку што се жестоки во нивната одбрана, денес ќе имавме поинаква реалност“, нагласи тој.
Првиот синдикалец порача дека синдикатот нема да се повлече под притисоци и дека нападот врз синдикалното организирање, како што оцени, претставува напад врз секој работник. „Ние не се плашиме. Се бориме за зголемување на работничките плати затоа што на работниците им треба достоинствен живот“, рече Трендафилов.
Тој додаде дека синдикатот нема политички амбиции, туку бара конкретни мерки за подобрување на стандардот, истакнувајќи дека доколку платите биле навремено зголемени, ниту ќе имало вакви конфронтации, ниту јавноста ќе била сведок на сегашните тензии.