На денешната прес-конференција која се одржа во Работничкиот дом, Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов го најави новиот голем работнички протест за зголемување на работничките плати и упатувајќи повик за присуство на сите работници и на сите граѓани, изјави:
На 14-ти март во 12 часот и пет минути од пред Работничкиот дом го започнуваме новиот голем работнички протест за зголемување на вашите плати, а за вашите плати треба да излезете заедно со нас да се борите затоа што другите нема да се борат. Тие сметаат дека ви ја даваат платата која вие ја заработувате, но вие ја заработувате вашата плата со вашата пот и со вашата мака. Сметаме дека 1.667 денари усогласување само на минималната плата е недоволно во овие услови во кои живееме затоа што трошоците за живот секојдневно растат, а особено заради тоа што вредноста на синдикалната минимална кошница за само два месеци е зголемена за 2.000 денари. Тие сметаат дека вие сте задоволни со ништо или дека сте задоволни со ронки, наспроти луксузот кој им го овозможувате нив и затоа ве повикуваме сите...
Членовите на Сојузот на синдикатите на Македонија, работниците, членовите и на другите синдикати чии лидери не се борат за вашите плати да ни се придружите во сабота во 12 часот и пет минути од пред Работничкиот дом за да упатиме нова порака дека платите и минималната плата мора да се зголемат на сите. Дека платите во Македонија се мизерни покажуваат и податоците на Управата за јавни приходи кои покажуваат дека 160.000 работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата. Сметаме дека треба да излезете заедно со нас... ако не ние сега, тогаш кој и кога“, изјави Трендафилов