Киев ноќта кон четврток го потресоа силни експлозии во нов, масовен руски напад со ракети и дронови, во кој делумно е уништена голема станбена зграда. Во нападот загинаа најмалку осум лица, а најмалку 44 се повредени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ наложи на војската да подготви „можни формати на нашиот одговор“ по смртоносниот удар. Спасувачките екипи и натаму ги пребаруваат урнатините на источниот брег на градот, каде што досега се извлечени 11 лица.
Според градските власти, до 16 часот по локално време биле потврдени осум смртни случаи, меѓу нив и дете на 13 години, додека 17 лица се водат како исчезнати. Во друго известување се наведува дека детето имало 12 години и дека исчезнати се 20 лица.
Нападот започнал нешто пред 1 часот по полноќ, а првите експлозии во Киев одекнале околу 3 часот. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека во областа Дарнички се урнале делови од станбена зграда.
„Уништени се 18 станови. Операцијата за спасување и потрага е во тек. Според прелиминарни информации, 11 лица се спасени од зградата“, рече Кличко.
Поради нападот, Киев го прогласи петок, 15 мај, за ден на жалост – знамињата ќе бидат спуштени на половина копје, а сите забавни настани се забранети.
Украинските воздухопловни сили известија дека Русија во ноќниот напад лансирала 56 ракети од различни типови, меѓу кои балистички „Искандер“ и аеробалистички „Кинжал“, како и 675 дронови. Противвоздушната одбрана, според истите извори, успеала да собори или да попречи 29 крстосувачки ракети, 12 ракети од типот „Искандер“ или С-400 и 652 дронови.
Остатоците од пресретнатите проектили предизвикале пожари и оштетувања на станбени и деловни објекти во повеќе градски реони, а погодена била и енергетската инфраструктура, што довело до прекини во водоснабдувањето на левиот брег на Киев.
Нападите се случија само неколку дена по изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, дадена на 9 мај по најскромната парада за Денот на победата во неговото владеење, кога го смени тонот за војната против Украина.
„Мислам дека војната во Украина се приближува кон крајот“, изјави Путин.
Во ист контекст, Путин избегнал триумфализам и, според оценките на аналитичари, првпат по години украинскиот лидер го нарекол „господин Зеленски“, отстапувајќи од вообичаената навредлива реторика. Аналитичарите, пак, предупредуваат дека ваквите пораки не треба да се толкуваат како откажување од воените цели, бидејќи клучните барања на Москва – територијални отстапки и признавање на окупираните територии – остануваат непроменети.
Според нив, Кремљ сè повеќе ги препознава ризиците и растечкиот замор во јавноста, па веќе се подготвуваат и пораки со кои секој иден договор би се претставил како „успех“.