Сѐ поголем број млади луѓе заболуваат од одредени видови рак, а ново научно истражување сугерира дека една од можните причини е забрзаното биолошко стареење на организмот.
Истражувањето, спроведено од научници од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон, покажува дека кај помладите генерации постои сѐ поголем јаз меѓу хронолошката и биолошката возраст. Додека хронолошката возраст го означува бројот на години што човек ги има, биолошката возраст покажува колку организмот навистина старее.
Според истражувачите, токму овој јаз може да биде поврзан со почестата појава на одредени малигни заболувања пред 50-годишна возраст, меѓу кои ракот на дебелото црево, ракот на коскената срцевина и ракот на телото на матката.
Научниците анализирале податоци од повеќе од 150.000 лица од британската биобанка UK Biobank и утврдиле дека луѓето родени меѓу 1965 и 1974 година имаат значително поголема разлика меѓу хронолошката и биолошката возраст во споредба со генерациите родени во првата половина на 1950-тите. Дополнително американско истражување, спроведено врз повеќе од 10.000 испитаници, покажало дека оваа разлика е уште поизразена кај лицата родени во 1990-тите години.
Според авторите на студијата, во Австралија, Канада, Обединетото Кралство и САД, лицата родени во 1990-тите имаат најмалку четирипати поголем ризик од рано развивање рак на дебелото црево во споредба со генерациите родени во 1960-тите.
Експертите нагласуваат дека станува збор за опсервациско истражување кое покажува поврзаност, но не докажува директна причинско-последична врска. Сепак, резултатите се сметаат за значајни и отвораат нови насоки за идни истражувања.
Биолошката возраст не може да се утврди со еден единствен тест. Таа се проценува преку повеќе анализи, меѓу кои епигенетски испитувања на ДНК, лабораториски анализи на крвта, мерење на должината на теломерите, како и проценка на функцијата на органите и когнитивните способности.
Истражувачите посочуваат дека околу половина од биолошкото стареење е условено од генетиката, додека на останатиот дел може да се влијае со здрави животни навики. Редовната физичка активност, балансираната исхрана, квалитетниот сон, избегнувањето алкохол и дроги, како и одржувањето на социјалните контакти, можат да помогнат во забавување на процесот на стареење.
Како можни причини за побрзото биолошко стареење кај денешните генерации, научниците ги посочуваат зголемената дебелина уште од детството, недоволната физичка активност, долгото време поминато пред екраните и нарушениот сон.
Лекарите апелираат младите да не ги игнорираат симптомите што ги испраќа организмот. Иако ракот најчесто се поврзува со повозрасната популација, навременото препознавање на симптомите и раната дијагноза можат значително да ги подобрат шансите за успешно лекување.
Во моментов, одредувањето на биолошката возраст сè уште не е дел од рутинската медицинска практика, но експертите сметаат дека во иднина би можело да стане важна алатка за проценка на индивидуалниот ризик и за превенција на малигните заболувања.