Иако крвната група најчесто се поврзува со трансфузијата, сè повеќе научни истражувања укажуваат дека таа може да има врска и со ризикот од развој на одредени видови рак.
Според најновите анализи, лицата со крвна група 0 статистички имаат помал ризик од повеќе карциноми, особено од оние што го зафаќаат дигестивниот систем. Од друга страна, крвната група А во повеќе студии е поврзана со нешто повисок ризик од појава на одредени малигни заболувања.
Научниците објаснуваат дека разликата се должи на антигените – специфични молекули што се наоѓаат на површината на црвените крвни зрнца. Крвните групи А, Б и АБ ги поседуваат овие антигени, додека кај крвната група 0 тие отсуствуваат. Антигените се присутни и во ткивата на дигестивниот и дишниот систем, каде што можат да влијаат врз имунолошкиот одговор и клеточните процеси.
Голема метаанализа во која биле опфатени повеќе од 100.000 пациенти покажала дека крвната група А е поврзана со околу 12 проценти повисок вкупен ризик од развој на рак. Најизразена е поврзаноста со карциномот на желудникот, а забележан е и зголемен ризик од рак на панкреасот, дојката и јајниците. Истовремено, крвната група 0 се покажала како заштитен фактор кај овие заболувања.
Една од можните причини е бактеријата Helicobacter pylori, која е познат фактор на ризик за хроничен гастритис, чир и рак на желудникот. Истражувањата укажуваат дека лицата со крвна група А се поподложни на инфекција со оваа бактерија, што може да придонесе за поголем ризик од малигни промени.
Постојат и индикации дека крвните групи А, Б и АБ може да бидат поврзани со малку повисок ризик од рак на белите дробови, дебелото црево и грлото на матката. Сепак, експертите нагласуваат дека овие разлики се релативно мали и не треба да се користат како единствен критериум при проценка на индивидуалниот ризик.
Научниците истакнуваат дека многу поголемо влијание врз здравјето имаат факторите што можат да се контролираат, како што се здравата исхрана, редовната физичка активност, одржувањето на здрава телесна тежина и непушењето.
Дополнително, анализа објавена во списанието „Oncotarget“ покажала дека жените со крвна група А имаат околу 18 проценти поголем ризик од рак на дојката во споредба со жените со крвна група 0. Истражувачите сметаат дека овие сознанија во иднина би можеле да помогнат во подобра проценка на ризикот и порана превенција, но нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања.